Приказни од театарската сцена со костимографката Сара Милевска: Адреналинот е во оживувањето на костимите

5 април 2022

Нашите следни Приказни од градот се всушност приказни од театарската сцена, за кои ни раскажува младата и талентирана костимографка Сара Милевска.
Таму, на театарската сцена се соединуваат толку многу различни светови, се пресретнуваат фантазијата и реалноста, целиот спектар на емоции, а меѓу сите нив ликовите се трансформираат до бесконечност, до нијанси во кои секој може да пронајде барем нишка од себе. И токму тука е улогата на Сара, ликовите да ги облече во костим што ќе стане негов карактер, што ќе говори и ќе идентификува, костим што ќе ги „соблече".

Сара Милевска


„Работам како професионален костимограф од 2017 година и до сега сум работела на 11 претстави во Србија и Македонија, а во моментов работам и на две нови, кои вклучуваат претстави за деца и младинци, и претстави за возрасни. Имам реализирано една самостојна изложба во Србија.
Како дипломирана модна дизајнерка и костимографка, до сега имам учествувано на FWSK (Fashion Weekend Skopje) и на BAFE (Balkan Art Fashion Event). Сите проекти на кои сум работела до сега се посебно значајни, бидејќи се дел од мене, но посебно сум горда на мојата прва костимографија, а воедно и мојата дипломска работа, за претставата со наслов „Бити 'ил не бити" во режија на Ненад Хаџи Маричиќ, која премиерно беше изведена во „Народен театар" Белград, како и проектот со живи статуи со наслов „Ноќ во музејот" во режија на Микица Илова, кој за прв пат се одржа во Кавадарци во 2020 година. Исто така работам и како илустраторка на детски илустрации, каде што може да ги издвојам соработките со издавачката куќа „Детска Радост" и авторката Изета Бабачиќ - книгата „Зоки Поки", која е на босански јазик", вака Сара го срочува своето досегашно професионално патување меѓу модниот дизајн, сценската костимографија и илустрацијата.

Сара, кој беше клучниот одлучувачки момент кога реши дека сакаш да се занимаваш со костимографија?

-Одлучувачкиот момент се случи при крајот на средното образование кога почнав подетално да го откривам театарскиот свет и да се заљубувам во слободата што ја нуди сцената.

Кој е најголемиот предизвик во креирањето на сценски костими, воедно што ти предизвикува најголем адреналин во оваа професија?

- Искрено, најголемиот предизвик во креирањето за мене е кога од ништо треба да створиш нешто. Овде станува збор како услови за работа, техничка подготвеност на самиот театар, тимот за соработка, па се до пронаоѓање на соодветни материјали и слично. Сето ова придонесува за развивање и градење на мојата креативност за креирање на нешто што е прикладно и добро за одредена костимографија.

Моментот кога мојата идеја од лист хартија ја гледам жива на сцена, и како актерите со љубов и почит ги оживуваат костимите, дефинитивно е најголемиот адреналин кој можам да го доживеам во оваа професија.

Што подразбира добро сработена, успешна костимографија?

- Секогаш кога костимографијата ја доловува замислата на режисерот која е во склад со самото дејствие на една театарска претстава, како и во целост изработените костими во склад со ликовите, може да биде добро сработена и успешна костимографија.

Кои фази костимот треба да ги помине, за да оживее на сцена?

- Првата фаза е добрата комуникација помеѓу костимографот и режисерот, потоа преминуваме на анализа и истражување на делото и ликовите. Од тука, се продолжува со костимски скици, пронаоѓање на соодветни материјали и се почнува со реализација на самите костими. Последната фаза се техничките проби за усовршување на костимите.

Какви се костими изработуваш? Кое е твоето креативно поле на делување каде се чувствуваш најслободна?

- Лично, немам ограничување. Ме исполнува да изработувам секаков вид на костими што се со сценска намена.

Тоа што сцената дозволува користење на секаков вид на материјали ми дава слобода во мојата креативност.

А колку воопшто е дозволена креативна слобода земајќи го предвид твоето досегашно искуство?

- Дозволата за слободно креативно изразување е тесно поврзана со условите кои што ги имаш за одреден проект. Од моето досегашно искуство генерално се соочуваме со предизвици кога станува збор за овој дел.

 

Каде се пресретнуваат, а каде најмногу се разминуваат модниот дизајн и дизајнот на сценски костими?

- Според мене одговорот на ова прашање е доста комплексен затоа што многу зависи од личниот став на уметникот. Танка е линијата помеѓу овие две професии, па затоа луѓето најчесто ги мешаат, но сепак се различни. Историјата на костим, е делот каде што овие две уметнички професии најмногу се пресретнуваат. Велам уметнички затоа што ова се сепак уметнички гранки кои често знаат да бидат изоставени во уметноста.

Модниот дизјан е самостојна идеја на самиот автор, додека идејата за сценските костими зависи од костимографот како и од самиот тим, идејата на самиот режисер, сценографијата, актерите, техничките услови на самата сцена итн.

Во модниот дизјан имаме модни костими чија цел, покрај пренесување на порака, е и профитот, додека кај сценските костими главна цел е пренесување на порака и ширење на култура.

 

Која е Сара надвор од креативната работилница?

- Покрај тоа што сум вљубеник во уметноста, ја обожавам и природата, затоа често уживам во кампувањето. Квалитетен разговор со моите блиски луѓе е исто така една од најзначајните работи за мене. Ги сакам животните, па времето поминато со моите мачки, Јуџина и Емма, и добра книга, опкружена со цвеќињата кои ми значат премногу (па секое си има свое име), секогаш ми делува релаксирачко. Љубопитна сум за учење на нови култури и традиции, па како нов предизвик кој што од неодамна го започнавме со сестра ми е истражување на македонските градови. Хоби и бегство од реалноста ми е танцувањето. :)

Објавено:
5 април 2022
Категорија: 
Стории
Прочитано:
712 пати