5+ Фамилија: Костимот е важен дел од детската фантазија

12 март 2015

Детските серии се вистинска реткост на македонските телевизии. Петко и неговата дружина, од серијата „5+Фамилија“, се едни од омилените кај најмладите. Едукативни се, но во исто време и забавни, весели. Од емисија, прераснаа и во серија, што беше уште еден повод повеќе Fashionel да поразговара со дел од тимот.

- Петко како бренд опстојува веќе осум години. Оваа година Петко се ребрендира и од емисија прерасна во детска серија. Тој премин беше исполнет со низа од одговорности кои требаа да се запазат за детската публика да добие производ многу подобар и од тоа што се очекува. Пред сè, Петко има едукативна улога. Се работи за лик кој се поистоветува со профилот на секое дете, кое во себе носи наивност, љубопитност, детска мудрост, желба за игра и учење на нови нешта итн. Лина е неговата најдобра пријателка  која укажува на добро однесување, здрав начин на исхрана, заемно почитување и на сите оние работи кои едно дете треба да ги учи во текот на своето растење. Серијата е исполнета со настани од секојдневието, каде акцентот е ставен на комични и забавни ситуации преку кои децата би се едуцирале и би извлекувале позитивни заклучоци пред сè за себе и за околината – ни објаснија на самиот почеток од продукцијата ОХО, која стои зад проектот.

Оттаму, нè интересираше и што сè треба да содржи еден лик од детска серија, што ќе ги освои сите симпатии на најмладите.

- Ликовите од детските серии или театарски претстави треба да бидат херои за младите гледачи, да претставуваат нивна инспирација за детска игра која ќе ја применуваат во нивното секојдневие. Кога костимот ќе стане препознатлив за еден лик, кога децата маскирајки се во тој костим се поисповетуваат со омилениот лик, тогаш костимот ги содржи сите елементи на успешен костим. Сметам дека одлучувачкиот елемeнт е бојата, кој е најзабележлив за детското око. Веселите и нетипичното комбинирање на бои се привлечни за младите гледачи, за да го задржи нивното внимание – ни објасни костимографот Андреј Ѓоргиевски.

Андреј Ѓоргиевски Андреј Ѓоргиевски

Андреј како костимограф се вклучи во екипата во првата сезона од серијалот „5+ Фамилија“, но изработува костими за споредни улоги, за епизодни појавувања во серијата, кои се надеваме ќе ги гледаме во следната сезона.

Младиот костимограф го прашавме, која е појдовната точка при креирањето и создавањето на костимите:

-Пред сè постои разлика за каков костим се работи. Дали тој е наменет за театарска претстава, балет, филм, серија итн. Најважно од сè воопшто при работењето со еден ваков вид на жива материја, е да се препознаат основните црти и карактеристики на ликот и која е главната порака што тој ја пренесува и пропагира. Костимот треба да биде во функција на ликот, притоа исполнувајќи ги креативните замисли при неговото создавање и да биде во функција на карактерните особини што ги има предвидено актерот. Работењето на костим подразбира тимска работа со сите одделни сектори што го сочинуваат проектот. Добрата комуникација со целата екипа е една од клучните алки во оваа работа за еден проект да биде успешен и да оствари точно посакувана визуелна комуникација со гледачите. Како костимограф секогаш одбирам и следам еден главен мотив во самиот проект. Внимателниот избор на материја и бои е исто така од поважните елементи на добро осмислена костимографија за добивање на една визуелна целина – објаснува Андреј и додава како тој процес се одвива при креирањето на костимите за конкретната серија.

- При креирањето на овие костими наменети за деца, тргнав пред сè од сопствената лична интуиција. Се навратив на многу бојните детски претстави проследени кога и јас бев во тие години како и малите гледачи на 5+ Фамилија. Се потсетив на огромната возбуда и целата магија што ја носеа актерите, костимите, сценографијата итн. Да се задоволи вкусот и фантазијата на децата е огромен предизвик. Костимот е важен сегмент токму од таа нивна фантазија, кој бара активно истражување, внимателен избор на бои и форми, со цел да се создаде една слика, полна со детска фантазија, притоа исполнувајќи ги сите барања и критериуми на проектот – искрен е Андреј, кој иако млад, може да се пофали со богато искуство.

-Моето факултетско образование ме „поткова“ да можам да започнам да се занимавам со моден дизајн, а љубовта кон театарот и сцената исплива сама на површина за да започнам да се занимавам и со костимографија. Секое парче облека, секој костим, сметам дека во еден здив, во кратка реченица, треба да раскаже една долга приказна. Спојувањето на суптилноста и драматичноста при креирањето се мојот предизвик и тенденција, а крајниот резултат инсистирам да фасцинира. Јас сум моден дизајнер кој успешно плива пред сè во театарските води. Моите интереси се насочени кон театарската костимографија па позади мене се вбројуваат задоволувачки број на костимографии за претстави на кои сум горд. Од тоа што до сега сум го работел, како позначајни проекти ќе ги издвојам „Љубовта е демоде”, кое е мое деби како костимограф. Потоа се надоврзуваат проектите „Жени без маж и ништо повеќе”, „Трансферату”, „Мелодија”, работена во Kрушевскиот театар, која воедно е и прва претстава во Крушево, а драга претстава ми е и „Смртта на трговскиот патник”, која беше и инспирација за мојата дипломска работа и инспирација за мојата мини колекција наречена  „Американски сон”. Мојот нов предизвик се вика „Хотел помеѓу два света”, театарска претстава која се спрема во Штипскиот театар а премиерата треба да се случи кон крајот на месецот – изјави Ѓоргиевски.

Честопати низ разговорот ни се наметна зборот предизвик, што беше поттик да го прашање, каде е предизвикот за него во „5+ Фамилија“.

- Најголемиот предизвик се децата. Се работи за најискрена публика, чии очекувања се најголеми, а реакциите се најискрени. Нивната бујна фантазија треба да биде задоволена и надополнета со откривање на нови магични хоризонти и мечти. Секој проект наменет за децата носи голема доза на одговорност и одредени граници кои треба да се почитуваат. Независно кој е патот до успешна костимографија, крајниот резултат треба да биде широка насмевка на детските лица, предизвикан од забавниот изглед на костимите – вели костимографот.

За крај, не можевме, а да не го прашаме, кој е неговиот омилен лик од серијата:

-Омилен лик ми е Комшо, кој може да кажам дека ми беше и најинспиративен при смислување на костимот. Интересни ми се неговите карактеристики, забавен е, непредвидлив, ги прави најголемите незгоди а притоа се извлекува на комичен начин, со наивни оправдувања.

Продукцијата ОХО и 5+ имаат ново изненадување за најмалите. Во концептуалното кафуле „Концепт 37“, денеска со почеток од 20 часот ќе има проекција на три кратки анимирани филмови. Цртаните се изработени од македонски артисти во продукција на ОХО и Холандската амбасада во Македонија, а иако се наменети за најмладите, организаторите велат дека го привлекуваат вниманието и на возрасните.

Ова е одличен начин да ги израдувате вашите најмили, а притоа и вие да се релаксирате.

Цртан: Човекот кој го украде сонцето Цртан: Човекот кој го украде сонцето

Цртан: Едно поинакво пријателство Цртан: Едно поинакво пријателство

Цртан: Прасето што сакаше да биде птица Цртан: Прасето што сакаше да биде птица

Објавено:
12 март 2015
Категорија: 
Култура