Скандинавски феномен- Шведски модни брендови

24 август 2013

Дизајнерските модни парчиња се интересни, инвентивни и практични со цел да се задоволат вкусовите на шведската популација. Младите бараат облека што ќе одговара на нивниот животен стил и секојдневните потреби. Токму таа функционалност, практичност и квалитет ја направија шведската мода интернационален успех.  Модните куќи го задоволуваат индивидуалниот стил, трендовски или едноставно класичен со истакнати детали. Дел од современите шведски брендови нудат едноставна базна основа на гардеробата, неопходност на џинсот кои со стилската свесност создаваат луксузен и уникатен изглед, додека други вметнуваат елементи од својата традиција односно симболизам и материјални објекти граничејќи се со историјата и фолклорот. Шведската мода ја распознаваме по чистиот стил, храбрите кроеви, играта со плетенина и едноставниот секојдневен стил. Неодминливи брендови кои ја красат и нијансираат модната сцена на Шведска се:

Ен Софи Бек, една од водечките шведски дизајнерки која создава нормален и едноставен изглед, концептуален чист пресек, хумор и иронија во дизајнот.Нејзините колекции се парадоксално авангардни, чудно елегантни и предизвикувачки.

Камила Норбек, дизајнерка која создава и ја остварува својата креативна слобода во рамки на еколошки осмислена модна линија. Потпис на дизајнерката се луксузните материјали со висок квалитет и феминистичката нишка во дизајнот со ретро елементи.

Карин Вестер, шведска дизајнерка која истовремено создава женска линија, машка линија и лимитирана рачно изработена линија на модни парчиња, ретко користи силни бои, најчесто застапена се нијансите на црната и сивата.

Филипа К., претставува моден дизајерски бренд воден од модниот дизајнер и основач, Филипа која ги базира своите дизајни на софистицираност и едноставност односно „old fashion“ ретро мода  наменета за младата публика.

Јохан  Линдеберг, шведски дизајнер интернационално реномиран и неговата линија е позната како JL,  дизајнира активно спортска машка облека како и женска линија.

Дијана Орвинг, дизајнерка која од својата 15 година е активна во модниот свет. Посебно внимание повлекуваат нејзините парчиња кои се посебно креативни, а сепак едноставни и лесни за носење. Нејзиниот  печат е ставен на дизајнерска техника базирана на драперија и експериментален приод во креацијата.

„Acne“, моден бренд кој создава архитектонска, модерна, праволиниска мода, граничејќи се со експерименталното.

„Whyred“, шведска линија за мажи и жени која почнува со работа 1999 година. Тие се доста посетен и актуелен бренд често наградуван за својата креативност.

„House of Dagma“, свежа модна линија исполнета со артистички шик стил кој беше широко препознаен и прифатен од модната индустрија низ Европа, Америка и Азија.

„Hope“ е современ шведски бренд кој создава и машки и женски дизајни и е најмногу препознатлив по своите топли зимски палта.

„Cheap Monday“, модна линија која го отсликува гранџ стилот, алтернативна  која стана вистински бум во Шведска, но и надвор од неа.

Трендот на Стокхолм создава уникатна и естетска мода препознатлива насекаде во светот.  Шведска нуди свежа, финансиски достапна и шик мода која сигурно ќе ги задоволи вкусовите на оние поединци кој не се пронајдоа во модната понуда на Парис, Милано или Токио.  Со сигурност можеме да кажеме дека скандинавскиот моден дизајн е инспирација и перфекција на модните вкусови  и со сигурност Шведска станува мини феномен во модната индустрија.

Објавено:
24 август 2013
Категорија: 
Стории