Нема жена што не ужива гледајќи ги ревиите на висока мода. Секоја би сакала да поседува макар едно такво парче или на момент да има можност да го облече. Кога некој ќе спомене висока мода, најчестата и прва асоцијација се гламурозните фустани и скапите материјали. Сите го употебуваме терминот haute couture, не знаејќи што точно значи. Не дека скапотијата и луксузот не се составни делови од значењето на оваа синтагма, но не се суштината.
-Висока мода претставува уникатна изработка на парчиња, што во историјата се дефинираат со Чарлс Фредерик Ворт, кој прв ја зашијува етитектата на своите модели. Тој е првиот човек што започнува да ја дели модата од историјата на костими. Порано, се било во рамките на костимографијата, а тој за првпат прави дистинкција помеѓу тоа што значи костим, а што продажба – вели Јана Чупеска, декан на факутетот за арт и дизајн на Европскиот Универзитет во Скопје.
Таа додава дека високата мода е најкарактеристична за Европа, особено за Франција. Оттаму потекнуваат сериозните имиња од високата мода, како Пол Поаре, ученик на Ворт.
-Тоа се дизајнери кои работат исклучиво ексклузивни материјали. Тоа е ерата на високата мода, сѐ до појавата на индустриската ера, со парната локомотива на Ватс. Се појавува и машината за шиење и започнува ерата на производството, вели професорката.
Индустриската револуција започнува во Англија и таа е синоним за развој на технологијата во повеќе области. Кога е модниот дизајн во прашање, започнува поделбата на масовно производство и мултиплицирање на парчиња облека и висока мода.
-За среќа високата мода во сите периоди го наоѓа своето место, бидејќи има клиенти со префинет вкус, луѓе што можат да си дозволат тоа и имаат некаков статус. Има и препозиции и однесувања во високата мода, не е секојденевна облека, бара простори во кои може да биде видена, носена – објаснува Чупоска.
Дека од Ворт започнува сѐ она што се знае за високата мода истакнува и модната новинарка, Снежана Богдановска- Сани.
-Со основањето на својата Couture куќа во 1858, тој ќе престави некои важни иновации, како прикажување на фустаните на живи модели, што неизмерно ќе ги одушеви неговите клиенти од рангот на царицата Евгенија од Франција и принцезата Метерник. Како и да е, Ворт не само што прв ќе лансира (иако приватна) модна ревија тој и неговите синови ќе основаат и Chambre Syndicale de la Couture Parisienne во 1868 што преставува комора која ги одредува неопходните критериуми за некој да може да се нарече кутуриер , и тоа е совет кој денес се уште ја извршува оваа функција – вели Сани.
Дизајнерот Ненад Секирарски исто така потенцира на важноста на комората во дефинирањето на она што се нарекува висока мода:
-Ако се зборува за висока мода, тогаш не може да не се спомене здружението на дизајнери на висока мода. Членовите на ова здружение се тие што ќе кажат дали вие ќе можете да добиете „етикета“ дека изработувате висока мода – вели Секирарски.
Богдановска се согласува дека не секој може да изработува висока мода, и токму таа комора е клучна во дефинирањето на нештата.
-Во напорот да се верифицираат за одликата “Haute Couture” етаблираните кутуриери се обврзани да изработат дизајни во нивните сопствени простории со најмалку 20 луѓе во персоналот. Покрај тоа, тие мораат да презентираат нивни сопствени колекции составени од најмалку 50 парчиња на новинарите во Париз, два пати во годината. Уште повеке Couture колекцијата мора да се состои и од дневна облека во подеднаква мера како и од вечерна. Колекцијата исто така мора да се прикаже во одредени пригодни салони – објаснува новинарката.
Во советот се Аделин Андре, Густаво Линс, Шанел, Диор, Живанши, Мауруцио Галанте, Стефан Роланд, како и Ели Сааб, Армани, Валентино, Версаче...
Дел од нив оставиле голем впечаток и врз работата на Секирарски.
-Модата е и процес на созревање. Мене лично ми оставиле впечаток Диор и Живанши како дизајнери кои многу револуционерно настапиле во модата и поставиле работи на кои ние и денес, сакале или не, се навраќаме. Се искристализирале некои нови типови на кроење и ново видување на облеката поставена на телото на жената, која и денес на разни начини се преработува. Долго време ќе треба да помине за да се појави некој нов лик кој ќе може тоа да го помести – смета дизајнерот.
Според него и најмладата генерација на нови дизајнери тоа што го работи е условено од општественото созревање.
-Модата најмногу се профилирала во периодот после втората светска војна, кога луѓето имале потреба да сменат сѐ, па и тоа. Така што, и општествените услови многу допринесуваат за тоа како некој ќе се дефинира – дополнува Ненад.
Сани смета пак, дека високата мода е каде луксузот е во својот зенит и каде што се остваруваат соништата на ултимативно богатите помодари.
- Луксузниот лајфстајл бара да се искаже јасно и постојано. А кое е врвното задоволство за денешната разгалена жена од високото општество, сопруга на важниот сопруг, познатата филмска звезда, принцеза или славна личност која сака да биде на врвот на модното внимание. Одговорот е единствен- Haute Couture – објаснува новинарката.
Сепак, рачната и специфична изработка на моделите е она што ја прави високата мода единствена, скапа и луксузна.
-Во минатото максимумот на изработени парчиња од висока мода бил од 5-9 парчиња - потенцира Чупоска.
Сани пак, вели дека да се поседува фустан од “Висока мода” изработен специјално за Вас , истовремено е гаранција дека е тој потполно уникатен. Со Haute Couturе креаторската визија на одреден дизајнер може да се одговори на специфичните барања и потреби на клиентот .
Таа додава дека нарачката сама по себе го подразбира личниот контакт со дизајнерот а можеби и веројатно и покана за првиот ред на модната ревија на куќата која се одржува два пати во годината (јануари и јули) во Париз. Годишно сѐ на сѐ ,во светот се изработуваат едвај до 1500 вакви фустани, рачно и по мерка на клиентот.
За еден фустан да преживее од една ера во друга, мора да биде обележан со екстремна чистота – Мадам Гре
Уште едно големо име и важно за високата мода е Мадам Гре. Мистична и строга, како што ја доживуваа другите, таа го посвети сиот живот на високата мода. Со свои раце создаваше фустани кои го имаа токму тоа што таа сакаше- чистота.
Во една прилика изјави: Моја единствена желба е да создавам фустани што ќе го импресионираат светот, а желбата ѝ се исполни. Со својот труд, визија и став таа ги постави темелите на високата мода.
Гермаин Емили Кребс фрустрирана од амбицијата да стане скулптор, започна да прави креации за големите модни куќи во Париз. Во 1934 година отвора своја модна куќа, која го носи името Аликс Бартон, а нејзините креации почнаа да се појавуваат по магазините. Почна да експериментира со обичната облека, најчесто дневни фустани од жерсеј.
Нејзината вештина во скулптоpството ѝ овозможи да го „фати“ грчкиот стил и безвременската елеганција во нејзините тоалети. Индивидуалниот и бескомпромисен стил, ги направи модерните жени во живи статуи.
По заминувањето од Аликс, во кое беше партнер, во 1941 година, таа отвора свое студио „Гре“. Иако градот во тоа време се наоѓа под германска окупација, а таа е Еврејка, сепак продолжува да работи, бидејќи Германците сметале дека може убаво да ги облече нивните жени. Откако одбива да го направи тоа, тие ја затвораат.
По завршувањето на војната, салонот е повторно отворен, а таа продолжува да биде господарка на рачната изработка.
Во времето на масовно производство, Гре инсистира на haute couture. За нејзините фустани некогаш биле потребни и 300 часа за да се завршат. Најчесто се состојат од набори или фалти, густо нанижани една до друга. Но нејзината желба за висока мода ја чинеше финансиска стабилност.
Таа продолжува да ги изработува фустаните до 1970-тите години. Често го посетува Музејот на убавите уметности, учејќи за класичните грчки статуи и враќајќи се во ателјето да ги создава своите форми. Понекогаш за нејзините фустани биле употребени и до 70 метри свилен жоржет. Иако е голем побрник и истрајна во својот став да го работи само тоа што го сака, во 1982 година неволно, приморана е да креаира и парчиња за ready-to-wear. Загубата на работата ја уништува, затоа што без нејзината работа таа е ништо.
-Отсекогаш мислев дека животот е вечен круг и дека ако го напуштам кругот, животот сам ќе ме напушти мене- изјави во една прилика.
Низ целата нејзина модна дејност е проткаена уметноста, за која професорката Чупоска смета дека мора да е составен дел од високата мода.
-Мислам дека високата мода е најблиску до уметноста и затоа го има својот специфичен печат на убавина. Апсолутна креација, дизајнерот не е оптеретен, за која целна група, кој конфекциски број креира. Високата мода е форма која сите дизајнери сакаат да ја работат. Моето искуство исклучиво го гледам во делот на високата мода и уметноста бидејќи припаѓам и на двете гранки, првенствено како сликар, а и моден дизајнер. Историјата го покажува тоа дека, сите што се обиделе да направат ваков спој, успешно го направиле. На пример, поврзаноста на уметноста и модните дизајнери може да се најде во моделите на Коко Шанел, кога таа се поврзува со надреалистите. Понатаму, кај Елза Скиапарели, која паралелно со Шанел ја има славата. Скиапарели била истакната во нејзините уметнички изразувања – шапки во форма на чевел, интересни техники на везење, соработката со Салвадор Дали и нејзината креација биро. Се работи за еден сензибилитет кај дизајнерот кој што треба да има посебен афинитет кон уметноста прво, а потоа да биде преточено кон медиум што значи применета уметност – објаснува Чупоска.
Таа додава дека еден дизајнер мора да познава историја на уметност, историја на дизајн, историја на костими, историја на мода. Тоа би било идеално. Се друго би било импровизација.
Особено ѝ се допаѓа што во денешницата модата е уште поизмешана (интердисциплинарна), на позитивен начин. Тоа овозможува секој дизајнер да има право да влезе во секоја сфера на наука и уметност и да ја изрази својата замисла.
- Можеби ќе звучи како клише, но дизајнерите мора пред се да бидат интелектуалци, не се тие шнајдери. Тоа се пред се мисловни луѓе, што создаваат облека за одредена категорија на луѓе кои ја сакаат модата и уметноста. Модниот дизајнер треба да знае и да крои. Но, повеќе ги почитувам дизајнерите кои помалку знаат тоа да го прават, затоа што знам дека ќе направат нешто навистина добро, за разлика од оние кои се вистински мајстори, но се само тоа. На нив им е многу потешко да направат истражување, или не го прават, но тоа се недоволни информации и тоа се гледа денес, особено кај нас – заклучува професорката.
А за тоа има ли висока мода кај нас, кој ја изработува, а кој купува, и дали нештата кај нас се нарекуваат со вистинско име, ќе читате во второто продолжение.
Продолжува....