Фустани со јастог, чевли во вид на армадило, шапки од паун и што уште не! Ние ги поздравуваме жените што се доволно смели да ја носат оваа мода. Нив дефинитивно можеме да ги прогласиме за омилените модни ексцентрици. Уживајте во нивното единствено чувство за мода!
Изабел Блоу
Шапка со перја од паун, парчиња од високата мода и чифт чевли што и се спротивставуваат на гравитацијата и Изабел е подготвена! Да го шета своето куче. Аристократ, моден уредник, пример за многумина... Блоу на единствен начин им го отвори патот на големите дизајнери како Александар Меквин и Филип Трејси. Таа секогаш ги носи најлудите креации од колекциите на дизајнерите, а ќе каже дека модна икона според неа се сите оние што вложуваат вистински труд во својот стил!
Дафне Гинис
Дафне Гинис е многу драга пријателка на Изабел Блоу и таа на вистински начин ја спаси нејзината колекција од тоа истата да биде распродадена парче по парче по нејзината смрт. Нејзиниот историски и во исто време футуристички стил во кој се содржани чевли во вид на армадило, луди парчиња од високата мода и што уште не, беше толку добро примен од светската модна сцена што за истиот повеќе не може ниту да се каже дека е ексцентричен, туку дека тоа е едноставно „стилот на Дафне“.
Елса Скјапарели
Заколнатата непријателка на Коко Шанел, долги години беше позната по нејзиниот ексцентричен јастог фустан, потоа оној во вид на скелет, како солза, по нејзините шапки во вид на чевли и по што уште не. Таа беше дизајнерот на познатите волуменозни панталони, што патем денеска се враќаат на голема врата, како и на патентите во иста боја со фустаните.
Ирис Апфел
Впечатливите округли очила се дефинитивно нејзиниот заштитен знак! Таа е позната по носењето на многу парчиња накит истовремено, волуменозните бунди и лудите креации. Во 2005 година повеќе од 80 парчиња облека од нејзиниот плакар беа изложени во Њујорк, а тоа беше едно вистинско шоу за паметење. „Ако некој ви рече, купи го ова, ќе бидеш модерна, немојте да го правите тоа. Тоа не сте вие. Мора прво да се откриете себеси, а тоа може да биде малку тешко“, вели Ирис.
Вивиен Вествуд
Најпознатата ексцентрична, жива дизајнерка е секако без сомнение, Вивиен Вествуд. Таа децении наназад носи единствени креации и плени со својот стил каде и да се појави. Што е уште поважно, таа ги создава тие креации! Од кожни материјали, па се до памучни, шик блузи, она што мора да се признае е тоа дека таа е само едно – лудо ексцентрична!
Лулу де ла Фалаис
Кога вашата мајка е муза на Елса Скјапарели, она што може да го очекувате од неа е секако, ексцентричноста. Дизајнерката на прекрасни и интересни модни додатоци и муза на Ив Сен Лоран, одигра голема улога во модниот свет, со нејзините незаборавни комбинации и свадбениот „фустан“ што се состоеше од широки панталони и турбан.
Ана Пјаџи
Италијанска модна уредничка, почина минатата година на 81 годишна возраст, а зад себе остави неверојатни изгледи вклучувајќи ги и рок фризурите во сина боја, винтиџ облеката и неверојатните комбинации. На изложбата во 2006 каде беа прикажани парчиња од нејзиниот плакат, можеа да се видат вкупно 265 чифта чевли, 932 шапки, скоро 3.000 фустани и 31 змија од перја. Понекогаш изгледаше како таа да ги носи сите одеднаш, а резултатот беше сосема инспиративен.
Пеги Гагенхајм
Американската колекционерка на модерна уметност и жена со неверојатен стил, многу одамна си ветила на себе дека секој ден ќе купува по една слика (кога говориме за слика, мислиме на слика од Пикасо). Таа ги следеше кариерите на некои од најдобрите сликари на светот и тоа го правеше со единствен стил. Пеги живееше живот со неверојатен стил од 1898 до 1979 година.
Едит Бувир Бејл
Малечката Едит, беше братучетка на Жаклина Кенеди и сосема ексцентрична жена со неверојатен стил. Парчињата облека таа си ги создаваше и креираше во својот дом, како што тоа го правеше и нејзината мајка, Големата Еди. Доколку не сте имале прилика да ги погледнете нејзините креации, задолжително погледнете го филмот со Дру Баримур кој е подеднакво единствен како и Малечката Едит.
Маркеза Касати
Родена во 1881 година, наследничката сираче на огромно богатство, беше единствена кога станува збор за модата и стилот. Нејзините обожаватели многу често можеа да ја видат како ги шета нејзините миленичиња со голем број дијаманти на нејзиниот врат, како шета гола под крзненото палто, или пак како носи живи змии како накит!