Животот е сцена за модната муза Дафне Гинис

24 март 2023

Tаа е моден феномен и една од најнеобичните личности на светот, уникатна дама која сама по себе е перформанс, наследничка од семејството Гинис која фасцинира со својот еклектичен стил, жена обожавана од дизајнерите Валентино, Алаја и Лагерфелд, муза на фотографите Стивен Клајн и Дејвид Лашапел, пријателка на никогаш непрежалениот Александар Меквин, англиска аристократка која важи за страствен колекционер на висока мода и скапоцен накит...

Дафне Гинис е уникат! Единствена модна икона која што е предмет на музејска изложба - во 2011 година Модниот инстиут при Метроплитен музејот организираше поставка на преку 100 нејзини парчиња облека и лични модни додатоци. „Дафне е една од најдобро облечените жени, ако не и „најстајлиш" личност во светот", вели дизајнерот Том Форд. Во светот постојат толку многу убави, модерни познати личности и дами од високото друштво, но Дафне е класа сама за себе. „Животот е сцена за Дафне", смета кутуриерот Валентино. „На погреби или на балови, таа секогаш изведува перформанс."

Препознатлива по платинесто-црната коса и вртоглаво високите чевли со необични архитектонски потпетици, Дафне е бестрашна во изборот на облека со екстремен стил. Родена е во луксуз и за луксуз. Таа живее за високата мода и за ексцентричните парчиња мода кои ретко кој може да го облече и износи. Често носи црна облека, но во нејзината гардероба може да се забележат бели, црвени и сини паршиња. Дафне Гинис посебно ја ценеше работата на својот пријател Александар Меквин и често е облечена во театралните креации на овој легендарен дизајнер. Ама во својот енормно голем плакар има и модели на Азедин Алаја, Гарет Пју, Том Форд, Карл Лагерфелд и Филип Трејси. Има собаботувано со разни модни куќи, сними неколку уметнички филма, дизајнираше колекција за лондонскиот Dover Street Market, лансираше парфем во соработка со Comme des Garcons, колекција ѝ посвети козметичката компанија MAC...

Дафне Сузана Дајана Џоан Гинис е уметница и дизајнерка, богата наследничка родена во семејството Гинис (сопственик на позната пивска компанија), а порасна на разни имоти во Англија, Ирска, Париз и меѓу уметници и необични личности во артистичката комуна на Салвадор Дали во Шпанија. На 19 години се мажи за грчкиот милионер Ставрос Ниархос, раѓа три деца и живее мирен живот на богата аристократка. Моден и воопшто животен процут доживеа дури по разводот во 1999 година. Тогаш му се „откри на светот како неверојатно модно суштетство". Таа секогаш изгледа своја, не на некоја копија и никогаш не ангажира стилист. Индивидуалноста, во нејзиниот случај често пати дефинирана како ексцентричност, е сржта на појавата на Дафне. Подеднаков важен елемент на нејзината привленост е почитта што ја има кон модата и уметноста, што се гледа од нејзината изјава: „Потребно ни се убави нешта, а не многу нешта. Не треба светот да го загадиме со безначајни и неупотребливи работи, кога можеме да направиме и да ги поддржеме нештата со ретка и скапоцена убавина.

 

Објавено:
24 март 2023
Категорија: 
Стории
Прочитано:
720 пати
Тагови: 
Дафне Гинис