Трите креации што ја сменија модата на црвениот килим на „Оскарите“

7 февруари 2020

За многумина најинтересниот дел од „Оскарите“ не се наградите, туку црвениот килим. Но, постојат три изданија на оваа манифестација каде модата на црвениот килим доби сосема ново значење, благодарение на изборот на три фантастични дами - Одри Хепберн, Барбара Стрејсенд и Никол Кидман.

Одри Хепберн во „Живанши“

 

Во 1954 година, Одри на „Оскарите“ се појави во фустан од тантела кој за неа го изработи Живанши. Актерката и дизајнерот се запознаваат година претходно, кога таа ќе го посети неговиот салон во Париз за да купи костими за Сабрина. Фустанот што ќе го носи следната година на „Оскарите“ кога и ќе ја добие престижната награда за Најдобра актерка за улогата во „Roamn Holiday“, ќе биде само дел од она што луѓето ќе сакаат да го гледаат кај Сабрина која ќе ја запознаат во киносалите неколку месеци подоцна (хероината во истоимената драма/комедија која ја толкува Хепберн).

Фустанот со „чамец“ деколте, кое Живанши го нарече „Сабрина деколте“. Врската помеѓу актерката и дизајнерот трае со децении подоцна. Она што Одри го направи за Живанши и популаризација на неговиот бренд, денеска се плаќа во милионски суми. А Хепберн имаше само креации, љубов кон модата и пријателство.

 

Барбара Стрејсенд и „голата“ креација

Во 1969 година Барбара Стрејсенд се појави во нешто што никој не го очекуваше, а што денес може да се рече е вистински хит - транспарентен комплет. Нејзиниот стилист за коса ја убедувал да не ги облекува тие светкави панталони ѕвонарки во комбинација со топ кој има голема црна панделка во задниот дел. Но, Барбара како љубител на фанки стилот не го послушала советот.

Дотогаш на црвениот килим доминирале класични креации, па овој смел чекор на пејачката и актерка се сметал за револуционерен. Но, секако дека тогаш не бил така прифатен. Нејзиниот изглед бил оценет како „монументално славење на лошиот вкус“. Инаку, Стрејсенд таа година ќе го добие оскарот за Најдобра актерка за улогата во „Funny Girl“, а кога ќе излезе на сцената сите ќе ги видат нејзините атрибути. Затоа, овој изглед ќе биде наречен и како „Streisand nude“.

 

Никол Кидман и „фустанот со грда боја“ на „Диор“

 Во 1997 година Никол Кидман на црвениот килим на „Оскарите“ го придружуваше тогашниот сопруг Том Круз. Таа се појави во златна креција на Џон Галијано, кој тогаш беше креативен директор во „Диор“ и таа креација беше од неговата прва колекција од Висока мода. Овој денес култен фустан, тогаш беше предмет на потсмев и критики. Легендарната Џоан Риверс јавно ја критикуваше Кидман, повикувајќи ја да ѝ каже од каде го  нашла овој „фустан во одвратна боја“.

Но, ќерката на Џоан, Мелиса, години подоцна ќе изјави дека всушност тоа е првиот вистински фустан од Висока мода на црвениот килим. Со везени детали во горниот дел, изработен од свила и со шлицеви од страните, овој фустан доби и реплики од 250 долари во „Мејсис“ и другите „улични брендови“ и изврши огромно влијание и врз модата генерално, но и врз модата на манифестацијата. Никол Кидман пак, стана модна икона и вистинска кралица на ваквите манифестации, и покрај тоа што тогаш беше јавно исмејувана.

 

 

Објавено:
7 февруари 2020
Категорија: 
Стории
Прочитано:
7.149 пати