Костими што докажуваат дека врската меѓу Одри Хепберн и Живанши била супер моќна!

6 мај 2014

Што е она што ќе се случи кога две стилски легенди ќе ги здружат силите? Ќе се случат некои од најубавите фустани било кога направени!

Соработките помеѓу дизајнерите и познатите личности се случуваат буквално секој ден, но не многу често за нив се зборува години и години подоцна.

Со секојдневната појава на голем број ИТ девојки, дизајнерите ретко се држат до една муза од која постојано се инспирираат и со која се лојални меѓусебно. Навистина лојална муза за Убер де Живанши од 1954 беше единствената Одри Хепберн која на посебен начин знаеше да ги носи неговите фустани.

Приказната на дизајнерот и прекрасната актерка започнува кога таа отишла во неговото студио во Париз во 1954 година во потрага по костими за улогата на Сабрина. Токму таму, Одри го нашла токму она што го барала и веднаш потпишала договор за ангажирање на Живанши за сите нејзини следни улоги и приватни појавувања. Токму тогаш, актерката ќе каже: „Тој ги прави единствените парчиња во кои јас се чувствувам своја“.

Со Одри како негова муза, парчињата на Живанши за многу брзо време станаа глобален тренд и мода, а девојките ширум светот полудеа по неговите фустани. Ѕвездената двојка дури го создаде и првиот „селебрити“ парфем L’Interdit или „Забрането“ во 1957 година.

Во продолжение, да се потсетиме на шест од најгламурозните изданија на единствената Одри Хепберн создадени од вештите раце на големиот Живанши.

Доделување на Оскар – 1954 година

Одри тогаш ја доби наградата за најдобра актерка за нејзината прва поголема улога како Принцезата Ен во култниот„ Roman Holiday“. На доделувањето, таа се појави во беспрекорен фустан до колена во беж боја со ремен на половината.

Сабрина, 1954 година

За нивната прва официјална соработка на филм, Живанши знаел дека мора да импресионира со одбраните парчиња. Резултатот? Цел плакар совршени костими до елегантни и уникатни тоалети што Одри знаеше да ги носи на специјален начин.

Funny Face, 1957 година

Следната брилијантна идеја на Живанши беше да создаде венчален фустан за новата улога на Одри и тоа го направи неверојатно добро. На свадбите во доцните 50 – ти, ова беше најкопираниот фустан.

Love in the afternoon, 1957 година

Следната улога на Одри беше во филмот Love in the afternoon, за која требаше да се види прогресот од наивна музичарка до фатална жена која знае да заведува. Веќе знаеме дека тоа и и успеа, нели?

Breakfast at Tiffany’s, 1961 година

Малиот црн фустан на Холи Голајтли е дефинитивно најпознатиот фустан на сите времиња. Што може повеќе од ова да си посака еден дизајнер!? Живанши му додаде совршени аксесоари како големи црни очила, бисери, ракавици и блескава шнола за коса – и ја создаде првата дефиниција за шик девојка! Во 2006 – тата година, фустанот на Живанши се продаде на аукција во Лондон по цена од 467.200 британски фунти!

How to steal a million, 1966 година

Во 1966 година Парамонт му плати на Живанши околу 30.000 долари за да креира костими за карактерот на Одри во How to steal a million. Тој создаде совршени костими инспирирани од 60 – тите во кои вклучи очила за сонце, бели фустани и плејада од шапки!

Која соработка на големото платно на модната икона Одри и големиот Живанши е вашата омилена?

Објавено:
6 мај 2014
Категорија: 
Сцена