Уникатниот дом на Диана Фон Фурстенберг

4 ноември 2013

Секогаш е интересно да ѕиркаме во домовите на познатите кои значат нешто во модната индустрија. На тој начин ни стануваат поблиски, не само тие, туку и нивното секојдневие.

 

 

Овој пат решивме да ви го претставиме домот на една од најатрактивните дами во модните кругови, Диана Фон Фурстенберг. Таа е родена во Белгија, но во 1969 година се преселува во Њујорк. Интересен е фактот дека првиот сопруг на дизајнерката е принцот Егон Фон Фурстенберг.

 

 

Сега Диана, живее во луксузен апартман во срцето на Њујорк, Менхетен. Импресивната површина на домот од над 3000 квадратни метри, Диана ги уредила со многу љубов и имагинација кои можат да се забележат како афинитет кон комбинирање на најубавите бои, принтови и дезени.

 

 

Возбудливите колоритни креации кои таа ги создава се навлезени длабоко во порите на нејзиниот дом, па така тој дише со неверојатна живост. Секоја соба е различна и раскажува приказна за некој далечна земја. Внатрешноста генерално е под влијание на еклектиката што се гледа во разновидноста на детали, стилови, бои, уметнички инсталации, украси. Силни комбинации на атрактивни животински принтови, јаки бои, мебел со ориентална нишка, микс од стакло, кожа, ткаенини, сите измешани но споени во една целина на раскош и сјај, крунисани со нејзиниот огромен портрет во салонот, кој е во црно-бела боја и доаѓа до израз во тој богат свет на нијанси и дезени.

 

 

И покрај огромниот простор, сепак во апартманот не се чувствува празнина и студенило, туку тој пулсира со огромна жар и топлина кои асоцираат на животната енергија и креативниот набој кој го носи оваа дизајнерка во себе.

 

 

 

 

Објавено:
4 ноември 2013
Категорија: 
Стории