Добредојдовте во „вселенскиот брод“ на Карл Лагерфелд!

9 јули 2013

Нашата љубопитност поврзана со изгледот на домовите на дизајнерите овој пат не носи во Париз... Домот во кој ќе можете да ѕирнете е лично на креативниот директор на Шанел, Карл Лагерфелд.  Во мајскиот број на француското издание на Аrchitectural Digest се појави статија благодарение на која можеме да го разгледаме домашниот амбиент на овој генијален творец.

 

 

На прв поглед се забележува модерната нишка и футуристичкиот призвук на ова париско живеалиште. Високи тавани, чист дизајн и ладна палета на бои, раскршени од геометриски строги линии, се главни карактеристики во домот на овој творец. Се забележува афинитет кон нестандарниот дизајн кај столовите и фотелјите. Белата, сината и сивата се доминантните бои што го обвиткуваат просторот со студенило и создаваат визија која наликува на сценографија од научно-фантастичен филм.

 

 

Можеби едно од највпечатливите и најмаркантните места е огромната светла библиотека, каде модниот дизајнер има неверојатни збирки кои бројат неколку илјади на различни едиции на книги. Сигурно токму оваа соба е неговото креативно катче каде се родиле многу генијални идеи кои потоа ги реализирал на модните писти.

 

 

Дизајнерот заклучува дека ентериерот во неговиот дом е многу сличен со неговиот начин на облекување и начинот на кој се облекуваат клиентите на француската модна куќа. Очигледно, за генијалниот Карл светот на модата е како една целина што тој метафорично ја дефинира како руска бабушка.

 

 

„Се наоѓаме во срцето на руските кукли, каде на прво место им е облеката, а потоа становите и куќите. Дури и улиците и градовите се дел од еволуцијата на нашите преференции и вкус“, вели Лагерфелд.

 

 

Една од неговите познати фрази која дизајнерот ја вметна во интервјуто за Elle Décor Japan во 2009 година е: „Мојот стан не е куќа, ова е вселенски брод во градот каде не се чувствувате поврзани со земјата“, вели тој за неговиот дом, неговиот свет каде се ткаат извонредните модни приказни.

 

 

 

Објавено:
9 јули 2013
Категорија: 
Сцена