Вчера финишираше еден од најпрестижните модни настани во Париз, Неделата на висока мода на која 22 маестрални имиња од модната индустрија ги презентираа своите најлуксузни линии. Ова е настан кој долго се очекува, кратко трае, а по завршувањето долго се зборува за него. Се сумираат впечатоците од различни аспекти: што воодушеви, кој разочара, дали имаше изненадувања, имаше ли пропусти, кој се издвојуваше и со што? Какви и да се одговорите, неделата која и е посветена на високата мода во Париз е настан кој со најголема љубопитност го предизвикува вниманието на стручната јаност. Но, кои моменти е неизбежно да се спомнат од последното негово издание?
Висока мода на ниски чевли
Кога ќе направите еден општ преглед на колекциите и присутните гости, она што прво ви го одзема вниманието е необичниот спој на луксузна облека и ниски чевли. Секако во прв ред ќе го спомнеме Шанел, кој фигурата на песочен часовник која доминираше во дизајнот на моделите, ја спои со спортски патики. Истиот исклучок го направи и Диор, кој дел од своите асиметрични здолништа ги комбинираше со ниски чевли украсени со светкави детали. Но, покрај на писта, ваквиот тренд беше присутен и меѓу публиката. Голем број дами кои седнаа во првиот ред, се појавија во удобни ниски чевли како Ана Дело Русо и Карин Ројтфилд.
Виктор и Ролф понудија шоу, но не и колекција која се класифицира како висока мода
Беше неочекувано, изненадувачки, шокантно. Сите овие предзнаци може да и ги препишеме на колекцијата која ја понудија Виктор и Ролф, но која ни од далеку не потсетуваше на луксуз и висока мода. Со помалку застрашувачката шминка и фризура, професионалните балерини од Националниот балет на Холандија кои се појавија во улога на модели, понудија шоу за публиката, но моделите кои ги носеа ја разочара критиката. Авангардните идеи не секогаш имаат исто толку авангардна завршница.
Марко Занини е име кое вреди да се запамти
Можеби една од најочекуваните ревии беше онаа на Скјапарели, со оглед на тоа дека е прва после 1954 година. Марко Занини како нов креативен директор кој прв ја враќа Скјапарели на писта беше пред огромен предизвик... И успеа да ги оправда очекувањата. Успешно направи баланс помеѓу препознатливата ексцентричност на Елза Скјапарели од една страна, но и својата авторска дефиниција и нова дизајнерска енергија од друга страна.
Најава за црвениот килим
Вообичаено, она што го гледаме на Неделата на висока мода, е најава за тоа што ќе носат познатите на црвениот килим. Во пресрет на сезоната на филмски и музички награди, може да очекуваме сексапил од Версаче, уметнички приказ на Жан Пол Готје, ексцентричност од Скјапарели, елганција според Валентино, женственост потпишана од Диор и препозналивоста на Шанел.