Версаче ја отвори неделата на висока мода во Париз

20 јануари 2014

Versace

Со ревијата на Версаче, вчера во Париз почна неделата на висока мода, каде ќе бидат претставени колекциите за пролет-лето 2014.

А онаа на Версаче беше одличен почеток и најава за тоа што не очекува. Шоуто ги доби сите пофалби, а и многумина се пронајдоа во креациите изработени најчесто од свилено жерсе, збогатени со светки, набори. Кога се боите во прашање, освен стандардната црна, креациите се и во розова, бисерно бела, сина, портокалова...

Освен големото присуство на набори, што веќе напоменавме, моделите се мошне атрактивни и разголени, како оние долгите, така и коктел фустаните. Сепак, има и креации со детали од вештачко крзно. Исто така, фустаните со припиени силуети и корсетска изведба во горниот дел, се едни од највпечатливите.

„Размислував за жена која е моќна, но сепак е женствена и нежна - божица. Ја сакам високата мода, навистина човек може многу да си игра со неа. Буџетот е поголем, па можете да се препуштите на имагинацијата“, вели Донатела.

Со оглед на тоа дека заштитно лице на оваа колекција е Лејди Гага, пејачката беше дел од првиот ред и уште еднаш во живо уживаше во моделите, кои несомнено ќе ги видиме и за време на Оскарите.

Денешниот ден пак започна со ревија на Скјапарели, зад која стои новиот креативен директор Марко Занини, а свој дебитантски настап утре ќе има и Хусеин Чалајан за Вионет.

Во текот на овие пет дена ќе се претстави за првпат и една британска couture  куќа, со традиција повеќе од сто години, Ралф и Русо, а Армани својот успех ќе го прослави и со изложба, која ќе се одржи утре.

Кристијан Диор, Џамбатиста Вали, Жан Пол Готје, Стефани Роланд, Шанел, Улијана Сергенко, Ели Саб, Валентино, Тони Вард се само дел од агендата... Имиња и брендови кои ветуваат многу возбудливи модни моменти.

Во продолжени погледнете ја ревијата на Версаче:

5  20  27

Објавено:
20 јануари 2014
Категорија: 
Колекции