Изгледот на една жена не е комплетен без соодветен маникир, кој пред се ќе се прилагоди на нејзиниот имиџ, но истовремено ќе биде и практичен во нејзиното секојдневно функционирање. Еве кратка приказна за развојот на маникирот од античко време па се до денес.
Зборот „маникир“ има латинско потекло: „manus“-рака и „curar“- што значи посебно внимание и грижа за прстите. Уметноста за цртање и украсување на нокти е многу стара умешност. Генерално ова е систем за нега на рацете, која вклучува грижа на кожата на рацете, лековити третмани, постапки, технологии за бојадисување и декорирање на природните и вештачките нокти. Првите зачетоци на оваа уметност за разубавување на ноктите се познати уште пред 3000 години. Во древниот Египет и Кина плочката на нокотот се покривала со различни нијанси на црвена боја.
Пред 600 години Кинескињите претпочитале да ги бојадисуваат ноктите во сребрена или златна боја. Во античко време бојата се припремала од восок, жолчка од јајце, желатин и гума. За време на царувањето на династијата Минг жените ги покривале ноктите со црни или црвени бои. А подоцна, со цел да се покаже должината на ноктите жените на прстите си ставале заштитни напрстоци како еден вид „маски“ изработени од злато или сребро. Кај нив важело правилото колку биле подолги ноктите, толку повисоко било местото кое го заземала жената во системот на хиерархија.
Постепено почнуваат и да се користат се пософистицирани инструменти за украсување на нокти. Во 1830 година доктор по име Ситс, прв почнал да користи турпија која ја направил од кората на дрвата на кои растат портокали. Неговата внука пак, го надградила неговиот изум и почнала да креира и други „алатки“ со кои можела да им среди ноктите на другите. Во тој период оваа услуга на средување нокти воопшто не била скапа, па така голем дел од жените своите нокти ги средувале во салони.
Во почетокот на XIX век, во Америка во мода се кратките нокти во форма на бадем. Маникирот се правел со помош на метални инструменти, ножици и различни киселини, а за нега на прстите и зајакнување на ноктите се користеле миризливи масла од црвен цвет.
Во почетокот на 20-тите години на XX век се појавуваат нови нијанси и тонови на бои, како последица од развојот на автомобилската индустрија. Ова придонесува и за појавата на нови нијанси кај лаковите за нокти. Уште во 1925 година, на пазарот се појавил лак за нокти во розова боја. Овој период е познат како ерата на „Месечеви нокти“. Розовиот лак се нанесува само на средина на нокотот, а останатиот дел од околу останува слободен. Во 1930 година тенденцијата „Месечеви нокти“ се менува, се користат различни нијанси на црвена боја. Во мода се долги нокти во заоблена форма кои се целосно покриени во тонови од црвена боја. Во меѓувреме лабораториите кои во тоа време можеле да се пофалат со подобра опрема почнале да развиваат смеси со кои ќе може да се отстранува лакот за нокти. Браќата Јосиф и Чарлс Ревсони, ја основа компанијата Ревлон, која произведувала лакови за нокти врз база на пигмент.Во 1937 година во Америка се патентира производ кој овозможува опоравување и зајакнување на ноктите. До 50-тите години на дваесеттиот век, маникирот станува важен дел од индустријата за убавина. Почнуваат да се организираат и првите семинари и предавања за „Основите на маникирот“, од страна на познати и докажани стилисти во тоа време.
Следуваат 1970-тите на XX век, период кој е познат како „акрилен период на нокти“. Се појавува професијата специјалист за маникир или маникирен дизајнер, кој владее со вештината пирсинг на нокти и цртање на ноктите. Сегашната фаза од развојот на уметничкото цртање на ноктите се издига на нивото на ликовна уметност и се смета за интегрален дел од сликата на модерната жена.