Кога неодамна се доселивме во нова населба, првото нешто на што нè предупредија новите соседи беше тоа дека во маалото живеело некое момче со аутизам и често испуштало јаки крици по улица, па да не нѝ се исплашело детето.
Во тој момент сфативме дека иако ја сменивме населбата, сепак останавме во Македонија. И да ви кажам искрено, на ќерка ми баш и се допадна, па дури почна и да го имитира, сосема невино.
Денеска е Меѓународен ден на лицата со попреченост, а ние уште разговараме на вакви и многу слични теми, наместо да работиме на тоа нивните семејства да почнат да примаат поголема парична помош или да отвораме советувалишта со психолози.
Дури ни денеска, кога и официјално е ден на лицата со попреченост, нема најавени голем број на трибини и настани на кои конечно овие лица ќе можат да проговорат и да кажат што навистина им е потребно и како да им се олесни животот.
Бидејќи, сè уште, во најголемиот дел објекти и установи нема никаква достапност за нивно полесно движење, а да не говориме за минималните месечни суми што ги добиваат што им се и повеќе од потребни за најосновните работи.
Ние уште се чудиме како можат деца со посебни потреби да посетуваат редовна настава со другите дечиња, а стручниот кадар не знае како да им пристапи и како да им помогне во следењето на истата.
Иако последниот извештај на УНИЦЕФ за знаењата, ставовите и практиките на јавноста кон децата со попреченост вели дека има голем напредок во земјава, тоа не изгледа така во реалноста.
Нивниот претставник Бенџамин Перкс пренесува впечатоци од првата посета на Македонија пред една година, кога бил згрозен од условите во институцијата во Демир Капија.
„Спротивно на сите меѓународни стандарди, оваа институција за возрасни имаше и крило за деца. Условите беа како во некој Дикенсов роман. Деца од сите возрасти лежеа безживотно во креветчиња, нестимулирани и несакани, со скапани заби кои никогаш не ги погледнал стоматолог“, гласеше дел од неговиот извештај по посетата на Македонија.
За една година, со нивна помош голем дел од децата со посебни потреби кои престојувале во оваа институција се пренесени во мали групни домови, но како што и тој самиот ќе каже, треба уште многу да се работи.
Сите треба заедно да работиме за поголема вклученост на овие лица, пред сè институциите кои единствено можат да им овозможат поголема месечна финансиска помош, а не постојано да се надеваме на донации.
Стручниот кадар во училиштата да почне сериозно да посетува обуки за работа со овие деца и да знае како да им пристапи и да им помогне во совладувањето на материјалот. Да работат и со останатите дечиња кои мора да сфатат дека тие се еднакви, но само дека можеби им треба малку внимание.
Да се отворат стручни советувалишта за сите родители на кои едноставно им треба малку поддршка во животот што многу бара од нив. Да се отворат центри каде овие дечиња ќе можат да се едуцираат и после училиште и да се забавуваат како сите останати, а нивните родители ќе имаат трошка време за себе.
Воедно, сите родители, без разлика дали нивното дете е со или без попреченост, да работат со своите дечиња дома и да им укажат на тоа дека сите деца со посебни потреби се еднакви и дека никогаш не треба да ги избегнуваат, туку напротив, секогаш да им се најдат кога ќе им се потребни.
Ако прочитавте внимателно, направете нешто уште денес, бидејќи верувајте дека и вие можете да направите промена. Ако имате можности, разубавете им ги празниците, за тоа постојат милион мали начини.
А сите оние кои некако стекнаа навика да им подаруваат разни работи на оние што и онака можат да си го дозволат тоа, имате околу 21.000 деца со попреченост во земјава, па повелете, израдувајте ги за празниците.
Во меѓувреме, погледнете што се прави кога се сака.