Ребека Јанковска Ристески со 15 години зад себе напорна борба за правата на лицата со попреченост, беше наградена со признанието Жена на годината во категоријата Најголеми достигнувања во развојот на општеството, на настанот што се одржа вчера по петти пат во организација на Жени претприемачи.
„Благодарност до сите мои соборци, до целото мое семејство и до сите оние кои ја препознаа мојата искрена борба за сите лица со попреченост. Да сте ми живи и здрави! Слава на Бога за се! Мисијата продолжува! Одиме понатаму", Ребека упати јавна благодарност која следуваше по емотивниот говор при врачувањето на наградата.
„Знаете ова признание е признание за сите борци со кои јас секојдневно комуницирам. Тоа се не само жени, туку и татковци, иако претежно се мајки, кои секојдневно се соочуваат со многу предизвици.
Борбата не е само нивна лична, борбата е на целото семејство, борбата е со општеството, борбата е во средините каде што живеат, на секој чекор. Која врата и да ја отворат наидуваат на пречка.
Моето влијание во општеството е од многу зборување, постојано нели зборувам за лицата со попреченост, постојано правам нешто за нив, многу проекти има навистина за да почнам да ви ги раскажувам што сè и со други здруженија и со Националната алијанса за ретки болести, каде што сум претседател, каде што се 20-тина и повеќе здруженија, со Ресурсниот центар на родители со деца со посебни потреби, таму имаме затворена група на Фејсбук каде што сме 3.000 членови, родители на вакви дечиња, и постојано правиме многу работи и се бориме и протестираме и постојано се прашуваме зошто многу од луѓето кои нè слушаат не сакаат да не разберат и само нè тапкаат по рамо", потенцираше Ребека која и самата е родител кој води своја лична борба со истите проблеми.
Достојно за приликата, Ребека изгледаше елегантно и префинето во женствено одело со потпис на ЕЛЕНА ЛУКА, брендот со кој таа долги години успешно соработува. Овој триделен сет во бела боја потенциран со црни сегменти, е идеален избор за ваков тип на настани, токму поради неговата елегантна, а сепак впечатлива естетика. Делува моќно, а истовремено остава модерен и шик впечаток.