Знаат ли младите креативци како да го продадат готовиот производ?

3 октомври 2013

Живата легенда во светот на бизнисот Брајaн Трејси ќе каже: Светот е полн со креативни поединци кои имаат прекрасни идеи, но речиси сите пропаѓаат кога доаѓа време за спроведување. Иднината им припаѓа на индивидуи кои не само што можат да мислат, туку можат и да ги преземат работите во свои раце и да ги стават своите идеи во практика.

Во рамки на Скопската недела на дизајнот, се одржа работилница за креативно претприемништво за млади дизајнери од Македонија, која го имаше за цел токму тоа – да ги поттикне младите дизајнери и креативци да ги подобрат своите вештини во претприемништвото и промоцијата на својот производ за истиот да го понудат до крајните потрошувачи.

Работилницата беше организирана од Британскиот совет во соработка со креативната и иновативна агенција од Велика Британија НЕСТА и предизивика солиден интерес кај младите македонски креативци.

Исклучително инспиративна беше работата на младата Меган Пауел Вресвијк од Универзитетот Лохбороу како обучувач на оваа работилница. Таа раскажуваше за нејзините успеси во големиот број бизниси што досега успеала да ги воспостави и на сосема едноставен начин ги подучуваше младите креативци како да ја промовираат својата идеја на претприемачите.

„Јас почнав од една мала пекара, која подоцна ја продадов за да отворам бутик за долна облека. Оттогаш се испробав во многу бизниси, за денеска да станам дел од Лохбороу Универзитетот и да бидам дел од многу интересни проекти за подучување на младите луѓе за тоа како да си ја остварат својата идеја“, вели Меган.

Жарко Конески, координатор за проекти и комуникации во Британски совет и дел од организацијата, на сосема едноставен начин ја опиша потребата од една ваква работилница.

„Оваа работилница треба да им помогне на младите дизајнери од Македонија да ги подобрат своите вештини во претприемништвото и промоцијата на својот производ, идеја или услуга која што ја нудат до крајните потрошувачи. Со тоа сакаме да ги доближиме луѓето што работат во креативниот сектор со деловниот свет и со универзитетите заедно да помогнат во тоа идеите на младите луѓе да дојдат до краен производ, бизнисите да го препознаат тоа, да го искористат и сите да имаат корист, бидејќи ние креативноста ја поврзуваме со економијата и со деловниот свет“, вели Жарко.

Она што го посочи и Жарко, и нешто што дефинитивно се наметнува како потреба, е што поскоро воведување на предмети за креативно претприемништво на нашите универзитети, преку кои младите креативци ќе учат како да го доближат својот производ до крајните потрошувачи.

„Младите дизајнери ќе завршат со студирање, но ги немаат вештините како потоа тој производ да го продадат. Такви предмети или курсеви се ретки на факултетите во Македонија. Токму затоа ние ја направивме оваа работилница во соработка со Скопската недела на дизајн, откако и тие ја истакнаа потребата од неа. Ова е нешто што го бараат и младите, луѓето од Универзитетите за уметност и дизајн со кои сме во контакт од Македонија, и сите креативци кои имаат потреба од тоа да дознаат како нивната идеја или производ да ја пласираат до претприемачите, се разбира за некаков профит или заработка за креаторите“, вели Жарко за fashionel.

Сите присутни на работилницата беа позитивно изненадени од инспиративниот пристап на Меган, следејќи го секој нејзин чекор и очекувајќи уште повеќе совети. Сите учесници од прв до последен беа вклучени во интеракцијата и со огромно задоволство ги споделуваа своите идеи барајќи совети за нивна реализација.

Она што можеше да се забележи од оваа работилница е огромната потреба на младите студенти и креативци од подучување за тоа како да го спојат својот производ со крајните потрошувачи. Без сомневање секој од нив има што да покаже и да понуди, но многу малку знаат како да се поврзат со претприемачите.

За разлика од Македонија, каде многу ретко може да се наиде на ваков предмет на Универзитетите, скоро во сите земји на Балканот, младите дизајнери преку различни факултетски програми изучуваат како да се поврзат со претприемачите и да ја претворат својата идеја во реализација. Она што го знаеме е дека ние дефинитивно имаме огромен потенцијал, но она што ни недостасува се врските помеѓу креативноста и приходот.

Објавено:
3 октомври 2013
Категорија: 
Стории