Брендот Манго во рамки на 15-тото издание на модното шоу 080 во Морскиот Музеј во Барселона, презентираше дел од новата колекција.
Во колекцијата за пролет-лето 2015, инспирацијата од 1970-тите е очигледна и доминантна. Од брендот претставија 35 женски и 15 машки комбинации во елегантен, но и младешки стил, карактеристичен за хипи ерата.
Кај женските модели, забележително е присуството на тантела, везови, шифон, превртена кожа и транспарентни ткаенини. Долгите здолништа и фустани, како и едноставните и дезенирани кимоно кошули, ја доловуваат лежереноста на колекцијата за оваа сезона.
Свежината на ова модно претставување беше дополнета со машките модели кои исто така во себе го носат боемскиот дух на веќе споменатата декада. Маици со принтови, кожени и џинс е она што доминираше во машкиот дел од колекцијата.
Инаку, настанот беше проследен од страна на голем број интернационални и локални ѕвезди, меѓу кои и шармантната Надја Ауерман, како и ќерката на Исабела Росалини, односно внуката на Ингрид Бергман, Елетра Вајдермен.
-Отсекогаш сакав да работам со Манго, а ова е веќе седма или осма соработка со брендот. Како модели не секогаш имаме можност да создадеме поблизок однос со брендовите за кои работиме, но јас секогаш се чувствувам среќно при средбите и работењето со Манго фамилијата – вели Вајдермен.