Саем за венчавки: Винтиџ стилот на пиедестал за претстојната сезона!

15 март 2015

Викендов по петти пат во хотелот Александар Палас се одржа Саемот за венчавки каде сите заинтересирани можеа да пронајдат сѐ што им треба околу нивната свадбена прослава.

Официјалниот старт беше означен во петокот попладне кога некои од македонските модни куќи прикажаа свои венчаници што ги носеа познати личности од македонскиот јавен живот.

Како и секоја година, дел од саемот беа компании и салони за декорации на свадби, целосна организација, светло и секако, омилениот дел на девојките – венчаниците.

Еден од највпечатливите штандови на годинешниот саем за венчавки имаше модната куќа Елена Лука која предизвика огромно внимание и на самиот старт со појавувањето на Весна Петрушевска во нивна свадбена креација.

На девојките за претстојната свадбена сезона тие им понудија голем број на венчаници по исклучително поволни цени, меѓу кои и онаа што ја носеше популарната актерка. Во нивната понуда секоја девојка можеше да го пронајде својот фустан од соништата, или пак да се обрати за совет и идеја кај дизајнерите од модната куќа.


Одлични трендови кај венчаниците за сезоната понудија и од модните ателјеа на дизајнерката Мила Кадриу, ателје Пепика, ....на чии штандови можеше да се најде дел од најновите колекции.

Она што беше особено магично беа неверојатните декорации што креативните салони ги понудија на саемот, чии штандови беа претворени во вистински мали бајки.

„Ова е веќе петти пат како се претставувам на саемот за венчавки. На нашиот штанд ќе најдете буквално целосна организација на свадби почнувајќи од бидермаери, бонбони, китекни, декорација на ресторани, дворови итн. Оваа година, имаме еден елегантен и еден винтиџ и рустичен дел. Токму тие, винтиџ и рустичните декорации се најбарани оваа сезона, нешто поинакво, нешто што ни го нуди самата природа. Девојките бараат и доста романтични декорации од природно цвеќе и многу свеќи“, вели Елена Крстевска од ателјето Fancy Marriage што постои веќе 12 години.

Свадбената прослава не би била идеална доколку за истата го немате вистинското осветлување. Дел од саемот оваа година беа и токму такви компании од каде ни открија колку е истото важно за самата свадбена церемонија.

„Последниве години осветлувањето на свадби е неизоставен дел од една свадба, бидејќи магијата на светлината го прави своето.Ние со нашето професионално осветлување се обидуваме да доловиме една поинаква, магична атмосфера на самиот настан. Светлото и ефектите што ги дава светлината влијаат на расположението на самата свадба почнувајќи од првиот танц па сѐ до онаа вжештена атмосфера каде што се бараат светлосни ефекти што ќе ја подигнат атмосферата“, вели за Fashionel, Зорица Серафимовска Арсовска, маркетинг менаџер во компанијата Инфомедиа Системи.

Фактот дека оваа свадбена сезона дефинитивно ќе преовладуваат винтиџ и рустикалните моменти, го потврди и госпоѓата Лила Матлиевска од ателјето Грациа, која вели дека речиси секогаш, најубавиот дел се свежите цвеќиња без кои не може да помине една прослава.

„На мојот штанд ќе најдете буквално сѐ од свежо цвеќе околу свадбите, почнувајќи од аранжирање на невестински маси, бидермаери, пакување поклони, китенки и сѐ останато. Можам да кажам дека вистинската свадба е свадба на која има свежо цвеќе, бидејќи во спротивно би било како на гостите да им ставите чинија со вештачко овошје. Сѐ изгледа поинаку кога има свежо цвеќе. Оваа сезона во мода е винтиџ стилот, со малку поретро цвеќиња како англиски рози, хортензии, божури и некои други ситни полски цвеќиња со некои додатоци за сето тоа да изгледа сосема ретро. Бараат аранжмани во порцелански чинии што изгледаат како порано, како од 50 – тите години и многу такви ретро декорации“, вели Лила Матлиевска од Грациа.

Веруваме дека викендов издвоивте малку од вашето време за да го посетите годинешниот саем за венчавки каде навистина имаше интересни декорации, венчаници и сѐ поврзано околу свадбите.

Доколку многу наскоро планирате да го кажете судбоносното „да“ ние ви ја посакуваме сета среќа на светот!

Објавено:
15 март 2015
Категорија: 
Актуел