Како да се справиме со летните изгореници

13 јули 2013

Сите го сакаме темниот тен и понекогаш знаеме и по цел ден да се „пржиме“ на јакото сонце како би го постигнале чоколадниот ефект Иако додека се сончаме на плажа користиме креми со заштитен фактор понекогаш може да се случи да изгориме од  силните сончеви зраци.

 

 

 

Еве неколку совети како да се справите доколку претерате со сончањето:

Смеса од мраз и јогурт или кисело млеко

Како најефикасен и докажан метод е употребата на ладни облоги од јогурт или кисело млеко. Подготовката е многу едноставна. Во еден сад се става јогурт или кисело млеко и неколку коцки мраз. Чекате 7-8 минути да се стопат коцките мраз, а во меѓувреме да се излади јогуртот или киселото млеко и со помош на памук или крпа, нежно нанесувате на изгорените делови. Оставете да делува 5-10 минути. Најдобро е да го започнете третманот на оние делови од телото каде изгорениците се најсилни, односно каде чувствувате најмногу болка. Присуството на мастите, белковините и киселото pH ниво на млекото имаат смирувачко и антифламаторно дејство. Ниската температура на претходно подготвената смеса има силно влијание и врз крвните садови, со што на тој начин го намалува отокот.

 

 

Многу вода

Изложувањето на сончевите зраци, го дехидрира телото и кожата, при што од организмот губиме многу вода. Како резултат на ова прегревање и трошење вода се нарушува балансот на сол и влажност како во телото така и на кожата. Потребно е да преземете мерки за рехидратација на телото и кожата, така што ќе пиете повеќе вода од вообичаено. Препорачливо е додека сте на плажа секогаш со вас да си носите шише со вода. Дехидрираната кожа старее побрзо и е повеќе подложна на хемиски и физички влијание од околината. Затоа не дозволувајте вашата кожа да страда.

 

 

 

Објавено:
13 јули 2013
Категорија: 
Убавина