Еден од најстарите фестивали на македонски забавни мелодии „Макфест“ оваа година прославува 30 години. Токму тоа беше причината за денешната прес-конференцијата која се одржа во „Порта Македонија“, каде се соопштија деталите околу тоа на кој начин ќе се одбележи овој јубилеј, а беше извлечен и редоследот на песните и изведувачите што ќе бидат дел од ова издание.
По повод годишнината, од организацијата најавуваат изненадувања:
-Оваа година сакаме да ги испочитуваме обожавателите на овој фестивал, со тоа што нема да се наплатуваат влезници. Значи, за сите оние што сакаат да бидат дел од ова јубилејно издание, „Макафест“ ги подарува влезниците. Исто така, се подготвува пригоден ревиски дел, каде ќе настапат и гости од странство. Ќе има музика за сечиј вкус. Исто така, подготвуваме и пригоден коктел. Нема да има никаква гламурозност, бидејќи сметаме дека не е ни време ни место за такво нешто, но во една сосема пријатна атмосфера и дружба, ќе ги повикаме основачите на фестивалот, сите досегашни директори, автори на големи хитови и изведувачи, да се потсетиме на убавите моменти и да ги запееме песните кои станаа евергрини, а произлегоа токму од овој фестивал – изјави директорот на „Макфест“ Дарко Мијалковски.
Како и досега, фестивалот ќе има две полуфинални вечери, на 3-ти и 4-ти јуни, додека финалната ќе се одржи на 5-ти јуни. Во секоја од полуфиналните вечери ќе настапат по 15 изведувачи, а првите 9 од секоја од нив, ќе се најдат во финалето.
-Морам да признам дека оваа година навистина на конкурсот пристигнаа многу квалитетни песни, па одбравме преку 20, што не се случило одамна. Сакавме да влезат што поголем број песни. Снимањата на композициите се веќе започнати и се одвиваат во МРТВ. Се надеваме дека цд-то ќе биде до финалето, но сепак не би ветувал ништо, бидејќи процесот е навистина долг и комплициран, се работи за 30 композиции, а сакаме да понудиме квалитет, бидејќи сепак, прославуваме 30 години „Макфест“ – изјави уметничкиот директор Оливер Арсовски.
На него се надоврза и Дарко Мијалковски, кој истакна дека „Макфест“ прерасна во сериозен, европски фестивал, со изведби во живо во придружба на ревиски оркестар. Маја Вукичевиќ, Маријан Стојановски, Дарко Илиевски, Димитар Андоновски, Наташа Малинкова, „Браво Бенд“, се само дел од учесниците на годинешното издание.
Кога е гласањето во прашање, системот оваа година е следен: 30 процента од вкупните гласови ќе бидат од СМС пораки, додека 70 процента од жири комисијата, која ќе биде составена од двајца члена од Македонија и тројца од странство.
Првонаградениот ќе освои парична награда од 10.000 евра, второпласираниот 7.500 евра, а третопласираниот 5.000 евра.
Покрај трите главни награди, оваа година ќе се доделат и награди за најдобар сценски настап, најдобра вокална изведба, најдобар дебитант и најдобар аранжман, која ќе го носи името на Драган Ѓаконовски Шпато, во вредност од 1.000 евра. Исто така, ќе се додели и награда за најслушана песна помеѓу двата фестивала, а ќе ја додели радиото „Слободна Македонија“.
Водители на ова јубилејно издание на „Макфест“ ќе бидат Марјана Станојковска и Марко Новески.
-Сакаме и се радуваме што имаме можност да оставиме трајни вредности во музиката – рече за крај Мијалковски.