Цела забавна естрада ќе се собере на 29-то издание на Макфест

29 мај 2014

Од 5-ти до 7-ми јуни во градот на модата и музиката, Штип,  по 29-ти пат ќе се одржи традиционалниот музички фестивал на забавна песна „Макфест“. Во првите два фестивалски дена ќе бидат изведени вкупно 30 композиции од кои ќе бидат избрани по девет нумери од првата и втората вечер, за во финалната да настапат финалните 18 песни. Оваа година за разлика од сите останати, фестивалот ќе биде поразличен од повеќе сегменти. Сите изведувачи ќе настапат во живо придружувани од ревискиот оркестар на Македонската телевизија, која воедно е партнер и покровител  на организаторите. И во однос на изборот на најдобрата песна ќе се спроведе  телефонско гласање, според кое целата македонска јавност ќе може од еден телефонски број да гласа за песната фаворит. Дарко Мијалковски, кој ја има позицијата на директор ги објави информациите во врска во паричните награди за победничката нумера, второ и трето пласираната,  како и наградата  за најдобар дебитант и сценски настап.

-Првопласираната песна ќе освои награда од 20 илјади евра, второпласираната 15 илјади евра, третата 10 илјади евра. Доделуваме и награда за најдобар дебитант кој ќе добие три илјади евра, а истата сума ќе ја добие изведувачот со најдобар сценски настап, вели Мијалковски.

Главниот организатор и покровител на Макфест, Општина Штип и Градоначалникот Илчо Захариев се обрати пред присутните дека за  годинешното издание  му е особено драго што паричните средства собрани од телефонското гласање ќе бидат донирани за поплавите во Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска.

-Макфест е составен дел на Штип, ова 29-то издание ќе биде спектакуларно, но слободно може да најавам дека јубилејното 30-то издание ќе биде со уште поголем квалитет. Особено сме благодарни на Министерството за култура кои оваа година финансиски го потпомогнаа фестивалот. Нашата општина топло ќе ги пречека како пејачите така и сите гости, а се надевам дека сите 30 композиции ќе се пеат и ќе бидат запаметени долго време, изјави Градоначалникот Захариев.

На денешниот прес исто така беше извлечен и распоредот за тоа кој од изведувачите ќе настапи во првата или втората полуфинална вечер. На сцената на Домот на културата ќе имаме можност да видиме како помлади така и поискусни пејачи од македонското забавно музичко небо меѓу кои: Александар Тарабунов, Дарко Илиевски, Наташа Малинкова, Александар Белов, Маја Вукичевиќ, Викторија Лоба, Сара Мејс, Тамара Тодевска, Биба Додева, Нокаут, Емил Арсов, Елвир Мекиќ, Андријана Јаневска, Наде Талевска и други.

Инаку, сите што нема да имаат можност да го проследат фестивалот во Штип, МТВ ќе врши директен пренос од сите три фестивалски вечери. Fashioenl секако ќе го проследи ова музичко случување од моден аспект, а вие очекувајте ги нашите анализи во врска со сценските изгледи на учесниците.

Објавено:
29 мај 2014
Категорија: 
Култура