Исклучителни претстави и премиера на мјузиклот „Чикаго“ на годинешниот МНТ – Фест!

22 мај 2015

Македонскиот народен театар оваа година, по втор пат, ќе биде организатор на Меѓународниот театарски фестивал МНТ – Фест што ќе се одржи од 27 - ми мај до 03 јули.

Во рамки на фестивалот, ќе настапат националните театри од повеќе земји од регионов и пошироко, меѓу кои и Националниот театар од Будимпешта и Националниот театар од Грузија.

„Покрај претставите, секој ден во рамки на фестивалот ќе има некаква активност со што ќе се продолжи прославата 70 години МНТ. Два дена ќе издвоиме за младите автори и независните проекти кои сѐ уште имаат време да се пријавуваат до 28 – ми месецов. На повикот можат да се пријават сите заитересирани, без разлика дали се студенти или пак веќе дипломирани. Дел од фестивалот ќе бидат и неколку работилници, предавања, тука е и промоцијата на собрани дела од Јордан Плевнеш, изложба на театарски плакати и уште многу други активности“, изјави денеска директорот на МНТ, Дејан Лилиќ.

Стартот на фестивалот официјално ќе се случи на 27 – ми месецов со гостувањето на театарот „Софија“ од Бугарија со претставата „Ѕвонарот на Богородичната црква во Париз“ од Виктор Иго во режија на Лидија Абаџиева.

Веќе на втори јуни, ќе гостува Националниот театар од Будимпешта со претставата „Сон на летната ноќ“ од Вилијам Шекспир во режија на Давид Доиашвили. На петти јуни, гостува Национаниот театар од Белград чии актери ќе настапат со претставата „Бело кафе“ од Александар Поповиќ, во режија на Милан Нешковиќ.

На шести јуни македонската публика ќе има можност да ја погледне претставата „Три сестри“ од Антон Павлович Чехов и гостувањето на Фестивалот Фиат од Подгорица, со адаптација и режија на Ана Вукотиќ и Слободан Милатовиќ.

Два дена подоцна, гостува турскиот државен театар од Истанбул со претставата „Кога ова би било филм“ од авторот Алмир Имширевиќ во режија на Билге Емин.

Националниот театар од Тбилиси од Грузија ќе гостува на 20 јуни со претставата „Дневникот на еден лудак“ од Николај Васиљевич Гогољ во режија на Леван Цуладзе.

Она што е особено интересно и што сите со нетрпение го очекуваат е премиерата на првиот македонски лиценциран мјузикл „Чикаго“ во режија на одличната Наташа Поплавска во копродукција на МНТ и МОБ.

Дел од мјузикот Чикаго се очекува да биде и македонската актерка Јелена Јованова Дел од мјузикот Чикаго се очекува да биде и македонската актерка Јелена Јованова

Со овој одличен мјузикл всушност и ќе се заврши годинешниот МНТ – Фест за чии претстави картите ќе чинат 200 денари.

Секако, дел од фестивалот ќе бидат и македонски претстави, а публиката ќе има можност да ужива и во гостувањата на неколку театри од другите градови од Македонија, што немаа можност да бидат дел од прославата 70 години МНТ.

Објавено:
22 мај 2015
Категорија: 
Култура