Дебата: Медиумите игнорираат или бендовите се пасивни?

8 јуни 2015

Ден пред одржувањето на петтиот јубилеен музички фестивал „Здраво млади“, а во рамките на неговата програма, во МКЦ беше организирана дебата на тема „Музиката и медиумите“ со поднаслов „Македонската музика во домашните и регионалните медиуми“.

Од едната страна на интерактивната трибина беа искусни новинари и луѓе кои долги години се инволвирани во развојот и промоцијата на алтернативната музика, Љупчо Јолевски (Радио Слободна Европа), Саша Павловиќ (www.kritika.mk), Иван Бечковиќ (Радио Слободна Македонија), Дарко Кујунџиќ (музичар од Хрватска), Ивајло Александров (концертна организација „Rawk 'n' Roll“ - Бугарија) и Милан Радосављевиќ (музички соработник на РТВ Србја и сопственик на „Miner Recordings“ – Србија), а модератор на дебатата  беше Тошо Филиповски (Максимум рокенрол). А од другата страна беа претежно млади љубители, уживатели и поддржувачи на сцената, но и луѓе кои директно се засегнати од оваа тема, односно членови на македонски алтернативни состави.

 

Во флуидот на соочувањето на различните ставови, но и заедничките емоции и желба, што повеќе да се отвори простор и да се допре до поширока публика преку медиумите, бев директен сведок на едно општо незадоволство од третманот на медиумите кон македонската алтернативна музика.

Но, првиот момент што ми остави впечаток, беше минималната посетеност на трибината. На истата учествуваа едвај дваесетина луѓе присутни во „публика“. Иако квантитетот  не е секогаш репер и не го одредува квалитетот, сепак земајќи го в предвид фактот дека имаме навистина богата алтернативна сцена, која речиси и воопшто не е промовирана во нашите медиуми, очекував да нема празно место во најмала рака. Сепак тоа не се случи. Но,  за волја на вистината имаше продуктивна дебата која за следниов ваков настан би требало да предизвика поголем интерес.

Во целата дебата преовладуваа две тези. Едната е дека медиумите, пред се културата како „тема“ ја ставаат во втор план, а алтернативната музика пак, како  еден сегмент од различните супкултури кои го градат општеството, не само што е ставена во апсолутна сенка, туку е и целосно игнорирана во медиумскиот простор, со ретки исклучоци. Другото мислење беше пак дека и самите членови на алтернативната музичка сцена, односно музичарите, продуцентите, бендовите и сите оние кои ги засега темата, се пасивни во релацијата со општеството надвор од нивниот свет, односно дека и самите немаат точна стратегија како да делуваат за да станат видливи за медиумите, а преку нив и за пошироката публика.

Во текот на дебатата се направи и временска и регинална споредба на медиумите. Гостите од Хрватска и Србија посочија дека во однос на нашата сцена, релацијата помеѓу медиумите и музиката во нивното опкружување е барем едно ниво повисоко и дека сепак постојат одредени медиуми кои исклучиво се посветени на промоција и развој на алтернативната сцена. Во нашава ситуација, освен радио каналот 103 и неколку веб портали, третманот на оваа сцена речиси и не постои.

Но, медиумите и нивната селективна политика во изборот на информации е само едната страна на проблемот поради кој веќе долги години владее медиумски мрак, особено во третирањето на некомерцијалната сцена. Како втора страна се посочија и самите уметници и креативци  кои според кажувањето на модераторот на трибината, сепак не се доволно ангажирани и ажурни, па дури и самоиницијативни за самите да се „изборат“ за медоимскиот простор што го заслужуваат.

Заклучокот е дека постои голем проблем, но не е нерешлив. Напротив ваквите дебати треба да бидат почетна иницијатива за да се сменат нештата и да се запали искрата која ќе го осветли медиумскиот мрак. Бендовите треба да станат подостапни, па макар и за комерцијалните медиуми и ажурни во нивната комуникација, а медиумите треба конечно да почнат да ја извршуваат професионално својата обврска и да  ја информираат и едуцираат јавноста од различните тарет групи, меѓу кои е и онаа публика жедна за поинаква, различна и суштинска музика.

Објавено:
8 јуни 2015
Категорија: 
Актуел