Збогување со Арсен Дедиќ

18 август 2015

„Памтим само лепе дане“, е стих од една од многуте песни зад кои се потпишува Арсен Дедиќ, а ја пее Габи Новак. Токму на тие денови ќе се сеќава и таа и сите оние што го познавале и сите оние што уживаат во неговата музика.

Веста за неговата смрт вчеравечер одекна по балканските медиуми. После долги години боледување, но одлично одржување во животот, кантавторот вчеравечер ја изгуби битката. Како пренесуваат медиумите, 77-годишниот Арсен починал поради откажување на органите, како последица на сепса и гангрена на цревата.

Дедиќ пред 20-тина дена поради сепса бил пренесен на Интензивна нега на Клиниката во Загреб, откако му е вграден вештачки колк.

После неколку дена на апарати, оди на хемодијализа, поради откажување на црниот дроб и бубрезите.

Зад себе ги остави сопругата Габи Новак, ќерката Сандра и синот Матија. Но, зад себе остави и огромен број авторски дела, по кои ќе го паметиме и преку кои ќе живее засекогаш.

Арсен Дедиќ е роден на 28. Јули 1938 година во Шибеник, како второ дете на Јелка и Јован Дедиќ. Татко му бил ѕидар, но музички многу талентиран и свирал во лимен оркестар, а волонтирал и како пожарникар, додека мајка му била домаќинка, со минимално образование.

Арсен во младоста

Арсен му се придружува на Јован во оркестарот, а понекогаш со него свирел и на погреби и оперети. Од тие сиромашни денови, Арсен се сеќава на радиото, марка Космај, кое вујко му Јосо му го подарил во 1947-година. Тоа во тие години, за неговото семејство бил вистински луксуз. Но, покрај радиото, тој постојано слушал домашна музика, но италијанска, при што го фасцинираат кантавтори како што е Доменико Модугна.

Завршува гимназија и средно музичко училиште и со постариот брат Милутин во 1957 година го напушта родниот град. Милутин заминува за Белград, каде и сега живее и работи како сликар и колумнист. Арсен пак, заминува во Загреб и запишува правен факултет. После две години го прекинува и запишува Музичка академија, а дипломира во 1964 година.

Во бројните интервјуа истакнува како од мали нозе знаел дека ќе се занимава со музика. Во почетоците препишува ноти и работи како музички соработник во ХРТ, свири флаута и пишува текстови за други. Пее во повеќе вокални групи, свири во ансамбли на популарна и џез музика, а неговите текстови ги објавуваат повеќе книжевни весници.

Ако макар еднаш сте слушнале песна од Дедиќ, тогаш знаете дека неговите текстови се поезија. Тој на сите ги подари своите таленти, во кои неизмерно уживаа бројни луѓе ширум цела Југославија, а и пошироко.

На фестивалот во Сплит во 1963 година се појавува како кантавтор, а после година дена песните „Куќа поред мора“ и „Moderato Cantabile“ го одредуваат неговиот музички мат.

Во почетокот на кариерата глуми и во помали улоги во филмови, меѓу кои и „Вишња на Ташмајдану“. Арсен Дедиќ е автор на речиси сите историски претстави.

За време на неговиот живот станува и член на Хрватското друштво на композитори и Хрватско друштво на писатели.

Од првиот рецитал во 1994 година, па до крајот на својот живот не престанува да пишува. Книгата стихови „Брод у боци“ (1971) е продадена во преку 60.000 примероци.

„Капи за очи“ е негова 32-ра збирка бесни, од кои многу се распространети широм светот, преведени на шпански, чешки, украински, руски...

Жените секогаш беа неговата верна публика, а тој не го криеше тоа:

-Имам неколку пресудни жени во мојот живот. Мајка ми, за која ја напишав „Мајка храброст“, ќерката Сандра која исто така има две песни, Габи, за која ја напишав „Песма и Габи Новак“ и онаа за која најмногу пишувам, внука ми Лу. Ѝ ја напишав песната „Лу у улози Мате Хари“ – изјави во една пригода.

Со неговата животна љубов Габи Новак, беше повеќе од 40 години во брак. Арсен првин беше оженет со Весна Матош, внука на поетот и новелистот Антун Густав Матош. Во тој брак се раѓа ќерката Сандра. Габи, пред Арсен исто така има брак зад себе.

-Откако и двајцата останавме сами и раздвоени од претходните партнери, станавме љубовници, па потоа и родители на нашиот Матија, а месец дена по неговото раѓање и сопружници. Помеѓу нас никогаш немаше никаков „гром“, сè се одвиваше полек – изјави Дедиќ за нивната врска во една пригода.

Во текот на својот живот пишува музика и стихови и за бројни телевизиски проекти, филм и театар. Повеќе пати е наградува за сценска музика.

Зад себе има девет руски турнеи и концерти по сите континенти и сосема поинакво видување на публиката:

Арсен и Габи Новак

-Јас не би се ни обидел да ја наполнам Арената, затоа што не сум гладијатор, туку академски музичар.

Минатата година во едно интервју говори и за борбата со здравјето.

-Не можам да се пофалам, после сè што поминав во животот, имам многу години и малку здравје. Уште кога се вратив од Бразил во 1968 година, имав 30 години и тогаш почнаа првите проблеми. Имав операција на внатрешните органи во Белград, таму ми го спасија животот. Потоа по ред имав интервенција на очите, па на тетивите, морав да ја оперирам едната па другата рака и така сè по ред. Во Падова ми е трансплантиран црниот дроб. Морам тажно да кажам дека никој во ходникот, колку што бевме оперирани, не е веќе меѓу живите – вели Арсен, и додава:

-Секако не сум истиот од порано, но не ми останува ништо друго освен да се борам. Работа, па дури и повеќе од порано. Што сè направив од телевизиски серии, филмови, еден ми е награден во Нови Сад. Треба да ми излезе и 31-вата книга, потоа ќе ми излезе и една сликовница на која ќе има и ЦД на кое со мене пее мојата постара внука. Давам отпор колку што можам, имам за кого да живеам. Имам ќерка, син, две злата, две внуки Лу и Ема. Немам друг избор. А што инаку би правел... Не сум човек што има хоби. Понекогаш малку сликам. Не сум човек што трчи. Имам свое бистро во кое сум речиси секој ден, затоа што ми е карши домот. Понекогаш одам во хотелот во кој имам свое столче веќе 49 години, ќе се напијам колку смеам, зборувам со пријателите... – сподели Дедиќ во едно од последните интервјуа.

Но, со оглед на богатството зад себе, нема да згрешиме ако кажеме дека Арсен Дедиќ ќе остане легенда која засекогаш ќе живее!

Објавено:
18 август 2015
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.241 пати