Сабота вечер. Февруари 14-ти. Некои некаде слават св.Трифун, некои св.Валентин. Оние што се упатија кон Македонскиот народен театар, ги славеа и двете. Беа да ги видат и слушнат глумците во нова „претстава“, насловена како: „Глумците пеат – за љубовта и виното“.
Љубители на уметноста на различни возрасти зачекорија во театарот со различни очекувања. Некои се потсетуваа како тоа изгледаше некогаш, а оние што за првпат одат да ги слушнат глумците како пеат, со нетрпение чекаа да ги добијат првите впечатоци.
Се осветли сцената и започнаа звуците од хитот на популарната Лана Дел Реј, Video Games, во изведба на Тина Трпковска. Меѓу првите настапи и Ивица Димитријевиќ, а по него Висар Вишка. Гледајќи го на сцената, помислив на разговорот што го имавме претходно.
-Ќе ја пеам All of me од Џон Леџенд. Оваа песна е избор на сопругата, убава песна, но не знам колку добар ќе бидам во изведбата. Не сум толку лиричен колку што е тој, но стиховите се навистина одлични – рече Вишка пред да започне манифестацијата.
Со дел од актерите успеав да поразговарам пред да излезат на сцената. Некои веќе подготвени, други ги користеа последните моменти да се потсетат на зборовите што треба да ги испејат, но сите беа расположени и насмеани. Тоа беше добар момент да ги прашам, каков спој се љубовта и виното, и кога прв или последен пат биле вљубени.
-Првпат се вљубив како многу мал, имав три или четири години, а таа имаше дури 22. Ми беше сосетка – се присети актерот.
Тремата на Висар беше видлива, дали поради фактот дека песната е желба од неговата сакана, или пак од тоа што, како вели не е доволно лиричен како Џон Леџенд, но тој одлично се снајде. Успеа да ја шармира публиката, на нему својствен начин и да измами аплаузи, а тие пак, насмевка на неговото лице.
Секој од актерите што настапи на сцената, нè врати во некое друго време, па Нино Леви нè потсети на Beautiful Maria of my soul, а по него следеа двајца млади актери, Софија Насевска - Трифуновска и Дениз Абудла.
- Едната песна што ја пеам сама е конкретно за виски, Alabama song, бидејќи сакавме со тоа да го испочитуваме празникот св.Трифун, а другата, Henry Lee, е љубовна песна од 1990-тите, која беше наш личен избор. Се работи за љубовна приказна со убиство на крај и ја одбравме бидејќи не сме некои „Валентиновци“, па преку изборот на песни сакавме да дадеме едно наше видување на целиот настан. Не чувствуваме дека овој ден е оној кога треба да се случуваат најголемите љубови и љубовни дејствија – изјавија актерите.
И покрај тоа што не е голем „Валентиновец“, Дениз тоа не го спречува постојано да биде заљубен:
-Тоа чувство постојано ми се повторува и одлично ми е! – вели младиот актер.
Вистинско музичко уживање ни приреди Тони Китановски со своето соло, што предизвика воодушевување кај публиката, додека пак гостинот од Прилепскиот театар, Игор Трпчевски измами аплаузи изведувајќи песна, која благодарение на „Сините картончиња“ успеа да допре до сите. Гостинот пак, од Македонската опера и балет, Кристијан Антевски, на еден нов и емотивен начин ја изведе антологиската „Т’га за југ“, на која никој не остана рамнодушен.
Но, тоа не беше крај на уживањата. Едно од најголемите имиња на Битолскиот театар, Борис Чоревски нè потсети дека „Од љубов не се бега“, изведба со која уште еднаш се здоби со почит кај публиката. И после една емотивна балада, следеше размрдување, за кое беше задолжен, кој друг ако не, Раде Рогожаров.
Со хитот на Сашо Гигов Гиш, „Самовилска свадба“ и неговиот темперамент, Рогожаров успеа да нè насмее, разигра и распее.
Велат дека едни од најубавите љубовни песни се токму серенадите. Иако речиси веќе никој и да не ги пее, а уште помалку под прозорец, Петар Горко се одлучи да нè разнежни и да ја испее токму „Серенада“.
-Песната е спој на музика и поезија, нешто што и јас како стил го градам со години. Љубовта и виното од друга страна, се најубав спој. Миодраг Божиновски сигурно се напил чашка-две вино за да ја раскаже приказната за својата љубов во песната, бидејќи навистина е одлична. Иако и оваа песна многу ја сакам, сепак мојата омилена е „Те видов тебе и се заљубив“ – рече Петар пред да излезе на сцената, на која на свој начин ја пренесе емоцијата на Миодраг, како автор и Гоце Николовски како изведувач.
Но, ако бараме некој на кого му посветувале песни, тогаш Звезда Ангеловска е вистинската жена.
-Мојата песна е многу стара, на Џоан Баес, која воедно е и поет, а е посветена на Боб Дилан. Текстот е исклучително добар. Инаку, сакам песни кои во себе содржат поезија, какви што се оние на Арсен Дедиќ, или Раде Шербеџија. Вечерва пееме за љубов и вино, а тој спој е момент на убавина и уживање. Љубовта води чувство на предавање, самопредавање, но љубовта, бидејќи пред сè се чувствувам како уметник, е најголемата инспирација. Животот ако не е инспириран од љубовта, или виното, ако ги врземе, тогаш не е тоа вистинското – вели Звезда.
Таа со мене сподели и која била нејзината прва симпатија.
- Бев малечка и тоа е првата љубов што сум ја идеализирала. Дури сега ќе зазвучам и патетично, но додека го гледав „Волшебното самарче“ со Игор Џамбазов, , постојано воздивнував. Бев вљубена во ликот што тој го толкуваше. Инаку, од оние што биле вљубени во мене сум добивала и писма и стихови и љубовта се доживуваше на еден романтичен начин – сподели актерката.
Во друштво на Звезда го затекнав и Тони Михајловски, кој одлучи оваа вечер да не потсети дека подобро е да се биде пијан, отколку стар.
-Љубовта и виното се феноменален спој, со бурни и мирни води, зависно од виното и љубовта. Првпат бев заљубен во второ одделение, а за време на студии, бев вљубен и во Звезда Ангеловска (се смее). За првото пијанство пак, ќе кажам дека се случи многу рано. Ние во тоа време немавме наркотици и други забранети супстанци, алкохолот ни беше единствено достапен, па затоа можеби сме една од подобрите генерации.
Оние што ја сакаат диско ерата, уживаа во изведбата на „Театар за деца и младинци“ на хитовите од АББА, Катерина Антевска нè врати во 1980-тите во Југославија со хитот на „Зана“, „Додирни ми колена“.
Изборот на Сашко Коцев, со мошне впечатлив и нему својсвен настап, беше Оливер Мандииќ, односно песната „Није за њу“.
-Тој пее за една девојка која една есен дошла од село во градот, и не го разбрала. Таа сакала некој „цврст момак“, а не фин како него. Но, овој бил многу љубоморен на тие момци, па вели не е за неа некој: „да је очима пије, него да је псује и бије“. Но, оваа песна и настап го посветувам на борбата против насилството врз жената. Инаку, вечерва пееме за љубовта и виното, а тоа е еден многу убав спој. Со виното уште повеќе се сакаме и се кажува вистината (се смее). Во виното е вистината, во ракија јачината, а во пиво горчината (се смее) – вели Сашко.
А на прашањето кога првпат се вљубил, ќе каже:
-Првите симпатични вљубувања ми беа уште во забавиште. Но, онака сериозно да мислам на некоја, дека ми е девојка, мислам дека беше околу петто одделение. Паметам дека еднаш седнав да вечерам и сфатив дека 15 минути сум со вилушка и нож во раце, а притоа не си свесен за тоа. Можам да потврдам дека сега сум вистински вљубен и сум познат и признат „папучар“ (се смее).
Уште еден гостин, вистински музичар на сцената беше и Маријан Стојановски. Тој уште еднаш покажа дека и без оглед на шегите на негова сметка, е навистина одличен пејач, што ја заслужува почитта на публиката. А оваа вчеравечер го препозна тоа и со громогласен аплауз ја награди и поздрави изведбата на хитот „Кажи ми“, на Драган Мијалковски.
А „Штом се сака“ на крај ни запеа одличната Весна Петрушевска. Со не помалку успешна интерпретација, препознатлив сценски настап и хумор, таа успеа да прикаже како љубовта некогаш се доживувала, а како денес знае и површно да се доживува. Таа беше одличен завршеток на вечерта во која сите беа опијанети од љубов.
Завесата се спушти. А јас, гледајќи ги истите оние луѓе што пред двочасовното уживање влегуваа во салата, како излегуваат, сфатив дека од љубов, насмевки и по некоја чашка вино, никогаш доста.