Уште една награда за Никола

11 септември 2015

Десеттото, јубилејно издание на Фестивалот на медитеранскиот театар „Пургаторије“ 2015 во Тиват, заврши во знакот на Македонскиот народен театар. Доделувањето на наградите се одржа вчера, а жири-комисијата во состав Мани Готовац - театролог, Тања Бошковиќ - актерка и воедно претседател на жирито и Зоран Живковиќ – продуцент, по 6 одиграни претстави во официјалната селекција донесе едногласна одлука наградата за најдобра претстава да ја додели на претставата „Животот на Молиер“ во продукција на Македонскиот народен театар, а наградата за најдобар актер му припадна на актерот Никола Ристановски за улогата на Молиер.

Освен „Животот на Молиер“ во режија на Александар Поповски, во селекцијата за натпреварувачкиот дел од страна на Татјана Мандиќ Ригонат се најдоа и „Хасанагиница“ во режија на Јагош Марковиќ, „Животинска фарма“ во режија на Андраш Урбан, „Мама миа“ на Југ Радивојевиќ, „Казимир и Каролина“на Снежана Тришиќ, „Скршениот ковчег“ на Игор Вук Торбица, „Александра Зец“ во режија на Оливер Фрљик...

Селекторката Тања Мандиќ Ригонат одбра претстави кои сведочат за желбата на театарските творци да театарот биде место каде општеството, човекот се преиспитуваат на уметнички моќен начин, од длабоките пориви на креативноста, мечта, полемика и креативен дух, каде темите јасно се изоструваат без оглед на жанрот, претстави во кои актерските достигнувања се на високо ниво како и сите други елементи на театарскиот чин.

Објавено:
11 септември 2015
Категорија: 
Култура
Прочитано:
375 пати