По трет пат вчеравечер ПЕТА ги додели Vegan Fashion Awards, каде беа одбрани најдобрите креации и модни додатоци кои во составот немаат ништо животинско.
Дел од победниците се добро познати дизајнери. На пример, наградата за најмодерна чанта отиде во рацете на Вивијан Вествуд за нејзината Jungle crocodile bag.
Наградата за најмодерната вечерна чанта ја освои Симон Роша, додека Стела Мекартни и „Шримпс“ ги заслужија наградите за Најмодерен паричник, односно Најмодерно палто.
Меѓу наградените се и Зара – за најстилска јакна, потоа АСОС, како и H&M кои според ПЕТА го имаат најмодерното пончо.
Наградата за Иновација ѝ припадна на компанијата „Ананас Анам“, која стои зад новиот бренд за вештачка кожа, „Пињатекс“, која за создавањето на истата користи листови од ананас.
-Веганската кожа е одличен и супер одржлив материја, кој не вклучува употреба на дополнителна вода, пестициди или ѓубрива, покрај оние што се потребни за одгледување на ананасот за потрошувачка – велат од ПЕТА.
Тие додаваат дека ова се нови и возбудливи времиња.
-Чувствителните потрошувачи го менуваат ликот на модата. Веган модата е иднината. Дизајнерите што размислуваат пред времето, експериментираат и создаваат иновации, high-tech материјали што не вклучуваат кожа од животни, еко материјали, а со тоа им нудат на конзументите избор да не учествуваат во суровоста кон животните. И тука се вклучени речиси сите брендови, од уличните до врвните дизајнерски куќи – објаснува Ивон Тејлор од ПЕТА.
Комплетната листа на добитници и креации можете да ја видите тука. Инаку, освен во Британија, ПЕТА ги организира овие награди и во други држави низ Европа.