Емотивна и забавна вечер на Василичарскиот концерт во МОБ

13 јануари 2016

Во Македонската опера и балет, вчеравечер публиката имаше можност да ужива во незаборавните макфестовски рефрени во рамките на традиционалниот Василичарски концерт кој оваа година за прв пат се одржа под мотото „Макфест за Василица".

Дванаесет македонски поп-рок изведувачи: Тамара Тодевска, Тијана Дапчевиќ, Елена Ристеска, Сара Мејс, Александар Тарабунов, Елена Петреска, Александар Белов, Нина Јанева, Лидија Кочовска, Димитар Андоновски, Јоце Панов и Вејчеслав Поповски, придружувани од оркестарот на МОБ под диригентската палка на Бисера Чадловска, ни приредија вистинско задоволство со музичкиот времеплов кој нè потсети на најголемите рефрени изведени на Макфест: „Кога те нема“, „Свирете ја зајди, зајди“, „Еден бакнеж и магија се стори“, „Кој да ти каже Ивана“, „Ангели ме носат“ и уште неколку други хитови кои веќе го имаат своето место во македонската музичка антологија.

Комплетното доживување секогаш се заокружува со изгледот на изведувачите, кои со оглед на фактот дека се работи за традиционален празничен концерт, ја имаат обврската да го испочитуваат дрес кодот соодветен за настан од ваков формат.

Без исклучок, сите дами на сцена се појавија во макси тоалети што е и најсоодветен избор, додека кај машките изведувачи стајлинзите варираа од класично одело до поексцентрични рокерски варијанти.

Секогаш е за поздрав кога за јавни настапи, познатите соработуваат со домашни дизајнери или стилисти кои ќе им помогнат при изборот во дефинирањето на нивната комплетна појава.

Тијана и оваа, како и минатата година остави силен впечаток облечена во црна, корсетирана свечена тоалета од македонската модна куќа Елена Лука надополнета со елегантна огрлица.

Заедно со Тамара, која пак носеше креација на Ивана Кнез, имаа одличен заеднички настап на интерпретацијата на песната „Признавам", што оригинално ја изведуваат сестрите Маријана и Росана.

Елена Ристеска, за разлика од повеќето дами кои носеа црни тоалети, се одлучи за креација во беж варијанта со апликации од тантела во интензивна сина боја, a со потпис на Мила Кадриу.

За пофалба и од аспект на изведбата и кога стајлингот е во прашање, е и Александар Тарабунов кој два пати се појави на сцена во два различни аутфити. Соодветно за изведбата на песната „Моја гитара" на Сашо Гигов-Гиш, Тарабунов одбра поексцентричен, рокерски стајлинг притоа комплетно  пренесувајќи ја емоцијата на сцена.

За сите оние кои вчера не присуствуваа, вечерва имаат уште една можност да уживаат во концертот што ќе има своја реприза со почеток во 20 часот.

Објавено:
13 јануари 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.083 пати