По фантастичниот настап на неодамнешната „Златна Бубамара“ и наградата за трајни вредности, единствениот Игор Џамбазов ќе го гледаме во еден нов, супер проект заедно со Весна Петрушевска.

Претставата едноставно наречена „Брачна игра“ ќе ја режира Тони Михајловски, а премиерата на истата ќе се случи на 27 – ми март во Македонскиот народен театар, на Светскиот ден на театарот кога впрочем треба да се слави и враќањето на Игор Џамбазов на сцена.

За костимите за претставата се погрижи модната куќа „Елена Лука“, а како што ни открија Весна и Игор на сцената ќе може да ги видиме во едно шик- хипи издание.

Токму денеска, во просториите на модната куќа „Елена Лука“ се случи и првата костимска проба на актерите на која имавме можност да присуствуваме и да направиме неколку фотографии.

Во моментов, тие интензивно работат на пробите за претставата за која веќе има огромен интерес, откако актерката објави неколку заеднички фотографии со Игор на социјалните мрежи.

Како што и двајцата ќе кажат, станува збор за многу интересна и реална претстава која сакаат да биде вистинско уживање за сите посетители на кои ќе им приредат едно поинакво, интимно доживување на сцената во МНТ.

Објавено:
24 февруари 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
3.649 пати