Една од првите асоцијации на женски одела ни е Марлен Дитрих. Во тоа време да се облечете како маж, претставуваше вистинска стилска револуција. Денес, женските одела се еден од најактуелните трендови.
Не само што се прв избор за деловните комбинации, оделото се повеќе е омилен избор на жените и за свечени пригоди. Со соодветна кошула, што може да биде од свила, женското одело ќе добие сосема нова димензија. Доколку се одлучите за некоја друга нијанса освен црната, на пример крем, црвена, смарагдно зелена, ќе направите вистински моден погодок за било која посебна пригода.
Исто така, добар избор се и дезенираните одела од брокат на пример.
Сивите, сини и црни нијанси се најчест избор за канцеларија. Доколку женското одело ви е избор за дневните активности, можете да го комбинирате и со кошула во интересен принт и на тој начин малку да ја „ублажите“ строгоста на изгледот.
Ако не сте љубител на тесниот крој на панталони, сигурно ве радува информацијата дека и ѕвонарките се подеднакво популарни, како и широките прави панталони, идеални за повеќе типови тело.
Доколку досега се двоумевте дали да инвестирате во ваква комбинација, ви презентираме и галерија со примери, што со сигурност ќе ве охрабрат да го преземете овој моден чекор.