Повик за дизајнерите за учество на „Шунд“ фестивал во Белград

10 мај 2016

Од 19-ти до 22-ри мај годинава ќе се одржи седмиот по ред ШУНД фестивал, кој ќе се одржи во Белград во ДКСК (Дом на културата Студентски град), овој пат и во соработка со „Скопје постер“. Пријавувањето е во тек и тоа на линкот овде.

Специјален гостин на овогодинешното издание на ШУНД фестивалот ќе биде Славимир Стојановиќ, за кого не е потребно посебно претставување пред македонската дизајнерска фела. Славимир ќе одржи дводневна работилница (20 и 21 мај) на која освен што учесниците ќе имаат можност да се запознаат со неговите најнови проекти и проектите на неговото студио„Футро“, но и ќе работат заедно со него на плакат на две теми: „Криза на идентитет“ – тема на 9 . Меѓународен студентски конкурс за плакат и 7. ШУНД конкурсна тема – „Ако е умереноста мана, рамнодушноста е злочин“.

Во рамки на фестивалот, „Плакарт“ ќе ја покаже изложбата на постери од осмиот Скопје постер меѓународен студентски конкурс за плакат на тема „Сите за луѓето со хендикеп“.

Славимир Стојановиќ

Останатите содржини вклучуваат учество на Комбинарт – неформалната група на уметнички активисти од Шабац; Квака театарот кој се бави со невербални претстави и перформанси поврзани со сликарство, графика, вајарство; Поезин – проектот чија главна преокупација е продукција на впечатлива слам поезија и поетски збиднувања и Инекс циркусот – кој одлично ги комбинира уличниот театар, танцовиот театар и современиот циркузантски сценски перформанс.

Делата што ќе бидат изработени на работилниците ќе бидат изложени во рамки на седмиот фестивал ШУНД, како и на деветото издание на „Скопје постер фестивал“ кој ќе се одржи кон крајот на ноември 2016 година.

Во текот на саботната вечер (21 мај) планирана е забава со цел дружење помеѓу дизајнерите од Македонија и Србија.

Целосната програма можете да ја видите овде.

Објавено:
10 мај 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
78 пати