Колекцијата со наслов „Prêt-à-porter féminin de luxe party deux“ на брендот „MARKOV“ беше премиерно преставена вчеравечер во Музејот на современата уметност во Скопје кадешто од четвртокот се одржуваат модните вечери на студентите од Меѓународниот институт за мода „Изет Цури“.
Младиот дизајнер Игор Марков новата колекција ја работеше половина година под директно менторство на Изет Цури.
„Мојата нова колекција е наменета за идеална жена како извор на постојана инспирација, личност која цени високо квалитетно изработени парчиња гардероба со маркантен печат во кој е застапен суптилен елемент на ексцентричност и доза на авангардност. Гардероба која има цел да го намами окото на набљудувачот, совршена не само за посебни пригоди и осмислена одлично да се вклопи со џинс и останати елементи од секојдневната гардероба. Мода наменета за храбри, урбани личности со силно изразена индивидуалност.“, вели Марков.
Марков претстави серија секси долги и куси фустани, модерни костими за урбани жени, панталони и транспарентни кошули, куси здолништа и палта – фустани по кои го препознаваме од неговата претходна колекција.
Што се однесува до палетата на бои, дизајнерот ги одбра основните црна, бела и црвена, но вметна и нежна крем – златна која преовладуваше кај свилените кошули, широките панталони и дел од фустаните.
Својата прва ревија Марков ја имаше минатата година на есенското издание на Моден викенд Скопје.
Вечерва од 21 часот ќе биде претставена колекцијата на „AMRA“ поддржана од Меѓународниот институт за мода „Изет Цури“, Француски институт во Скопје, Амбасадата на Р. Франција во Македонија и Општина Чаир.
Погоре во галеријата, погледнете ја новата колекција на Марков и дел од гостите на неговата ревија.