Си замина и Дар-Мар...

10 јуни 2016

Низ македонските медиуми утринава одекна веста за смртта на карикатуристот Дарко Марковиќ.

Ако сте од онаа генерација кога во домовите сѐ уште се купуваа весници, тогаш сигурно го знаете Пецко, ликот преку кој Дар-Мар ги критикуваше  сите режими со хумор што секој можеше да го разбере и препознае.

Но, Марковиќ не е само карикатурист и сатиричар, тој беше и филмски режисер и аниматор, стрип цртач, илустратор и дизајнер.

Роден е 1940-тата во Скопје. Татко му е професор по математика, а мајката домаќинка, иако во интервјуто за „Емагазаин“ ќе каже дека таа била вистинскиот интелектуалец во куќата. Семејството го сочинува и три години постариот брат Ненад.

Средно училиште завршува во гимназијата „Јосип Броз Тито“, а потоа се запишува на архитектонскиот факултет. Во 1966 година дипломира, а во 1972 година оди на специјализација во Загреб, на отсекот за анимиран филм и тоа под менторство на оскаровецот Душан Вукотиќ.

Кариерата како карикатурист му започнува во 1960-тата година, каде својот талент го пласира во повеќе весници и списанија кај нас, па и низ поранешна Југославија, меѓу кои „Нова Македонија“, „Млад Борец“ и „Студенски збор“. Во периодот од 1966 до 1975 година работи како главен уредник во сатиричното списание „Остен“, и како директор на Светската галерија на карикатури во Скопје.

- Цртањето карикатури е многу ценета професија во светот. Не е само да нацрташ, треба да си храбар, да смислиш како се ќе спакуваш… Добро се заработуваше тогаш. Така и се оженив. Сфатив дека со оваа работа може да издржувам семејство - ќе каже на шега Марковиќ во истото интервју.

Од 1975 година станува дел од тимот на „Вардар Филм – Скопје“, каде отвора студио за анимиран филм. Потоа, од 1978 година работи како слободен уметник, а во 1983 година е назначен за професор на Факултетот за уметност во Скопје, по предметот Анимиран филм.

Во истиот период работи како главен уредник на културно-уметничката програма во „Телевизија Скопје“. Од 1988 до 1995 живее и работи во Лондон. Во 1995 се враќа во Македонија.

-Во Македонија и Британија се е исто. Разликата е во тоа што ние немаме цивилизација. Тоа не се учи и не е поврзано само со култура. Не се случува наеднаш...Кога се вратив дома мислев дека ќе градиме иста таква држава... И претседателот Киро Глигоров ми рече дека би било добро да се вратам во Македонија, бидејќи се прави нова држава. Министерот Стево Црвенковски пак ми кажа: „Ако не ти се брза, не брзај. Не сме баш готови". Првиот Пецко кога се вратив го направив со Глигоров. Пецко му вика на Глигоров: еве јас се вратив, не донесов пари, но ти донесов жилети да ги избрчиш неизбричаните млади луѓе, кои ќе ја водат државата...- сподели Дарко.

За своите карикатури и анимирани филмови има добиено повеќе од триесет награди и признанија. Меѓу позначајните награди за карикатура што ги добива се: прва награда на фестивалот за хумор во Будва во 1968 година, Награда на редакцијата „Јеж“ (Шабац) во 1970 година, награда „Мартини“ во Борфигера (Италија) во 1973 година, Втора награда на Светската галерија на карикатури во Скопје во 1979 година и други.

Награди добива и за анимациите, меѓу кои и: награда за нов ТВ израз во Порторож, Словенија, во 1974 година за филмот „Шоу машина“, Диплома на официјалното жири на фестивалот во Оберхаузен, Германија, во 1976 за филмот „Стоп“, Сребрена роза во Монтре, Швајцарија, во 1977 за филмот „Каша“, Сребрен змеј на фестивалот во Краков, Полска, во 1979 за филмот „Циркус“, Бронзена роза во Монтре, Швајцарија во 1982 за филмот Фестивал и други.

Негови познати анимации се „Граница“ (1976), „Стоп“(1976), „Три минути на светот на Мирослав Бартак“ (1976),„Бело топче“ (1977), „Циркус“ (1979), „Рака“ (1980),„Фасада“ (1996) и други.

Во периодот од 2001 до 2006 Пецко се појавува на А1 телевизија, каде што беа објавени152 епизоди со популарниот јунак, алтер-его на Дарко.

-Пецко е слика на нашата транзиција. Јас ги опсервирам сите досегашни политички структури - потенцира уметникот.

Во својот творечки опус, Дарко Марковиќ има напишано и бројни афоризми, а голем дел од нив ги обедини во книгата „Оче наш - мајко моја“ (збирка афоризми и епиграми). „Учете англиски“, автобиографскиот роман „Лична карта“, романот „Балкан во Лондон“ се исто така дел од неговите дела.

-Најсреќен сум со белата хартија пред мене... - ќе каже Дарко.

За сѐ што работи во животот, најсилната поддршка ја добива од сопругата Афродита, архитект и аниматор, со која има две деца, синот Филип и ќерката Леона.

По долга и тешка болест и легендата Дар-Мар си замина! Со својот талент навистина правеше „дар-мар“ и остави непроценливо богатство зад себе.

 

Објавено:
10 јуни 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
927 пати
Извор: 
plusinfo