Рики Мартин и Кевин Спејси на ревијата на „Армани“

23 јуни 2016

Машката модна недела во Милано е во тек, а во рамки на истата свое шоу имаше и Џорџо Армани.

Тој со својот тим го презентираше најновото од брендот кога се машките модни трендови во прашање за пролет 2017 –та. Дизајнерот кој е веќе 40 години во овој бизнис е доволно звучно име за да го привлече вниманието врз својата работа .

Сепак, овој пат за тоа придонесоа и Рики Мартин и Кевин Спејси, кои се најдоа во првиот ред и со будно внимание ја проследија ревијата. По завршувањето на истата и двајцата беа расположени да ги дадат своите впечатоци.

-Усогласеноста на боите е одлична. А со оглед на тоа дека сум голем љубител на шапки, тоа што ги имаше повеќе отколку што можев да си претпоставам, беше за мене навистина воодушевувачки – изјави Спејси.

Во разговорот за „Вог“ актерот зборуваше и за облеката што ја носи во популарната серија „House of Cards“.

-Поминавме неколку различни изгледи. Првин носев „Gives&Hawkes“, што беше мој начин да оддадам почит на оригинал британската серија и мода. Потоа, се префрлив на „Барбери“, па „Бос“, така што секоја сезона или пак на средина од сезона, наоѓавме начини да направиме мали измени и да се насочени кон различни насоки. Како што ликот се доближуваше до тоа да стане претседател, така реверите на оделата стануваа сѐ потенки и птенки. Сѐ почнува да станува остро. Тоа е одлука што ја донесовме претходно при работењето – објаснува актерската легенда.

Но, уште во почетоците се разговарало за уште многу нешта.

-Постоеја и други одлуки што луѓето дури сега почнуваат да ги сфаќаат. Јас одлучив пред да почнеме да ја снимаме првата епизода, дека сакам ликот да има седа коса, како што велат стручњаците во сребрени нијанси. Одеднаш луѓето почнаа да зборуваат: „О, тој почнува да седи“, но тоа беше нешто што од старт се знаеше. И покрај тоа што не знаев дека тоа ќе се случува во третата и четврта сезона, сепак сфатив дека секој претседател што сум го гледал, има сива или сребрена коса после некое време во претседателската канцеларија. Одлуките за тоа како ликот ќе изгледа се прават многу порано.  Така што, за кроевите, модните додатоци, однесувањето, тоа се работи за кои многу и многу добро се дискутира – потенцира Спејси.

И додека актерот остана доследен на класичните одела, Рики Мартин се појави во лежерна, но комплетна „Армани“ комбинација. Пејачот е голем обожавател на оваа модна куќа, па фактот дека на последните три турнеи носеше токму креации на овој дизајнер не е изненадување.

-Отсекогаш го следев тоа што го работи. Особено сум внимателен сега, бидејќи имам европска турнеја што ќе почне за неколку недели. Ова го правам од 12-годишна возраст. Во крвта ми е. Тоа е можност да се изразите себеси низ музиката, низ тој катарзичен процес и да уживате во реакцијата на народот. Од тоа се станува зависност. А јас сум среќен што можам да кажам дека луѓето го ценат она што го работиме, па така и ќе продолжиме – вели Мартин.

Тој потенцира дека посебно задоволство му е одбирањето на тоа што ќе носи за секој настап:

-На сцената менувам минимум 17 комбинации. Многу се забавуваме и се пресоблекуваме најбрзо што е можно. Понекогаш и во сред песна. Ги редиме во слоеви и правиме комплетни промени на стилот. Најчесто на концертите имаат четири дела, па така ги делам и комбинациите – од „денс“ преку рок, акустично до „Латино“. Мојата тајна за брзото пресоблекување? Имам четири луѓе што ми помагаат – открива пејачот.

Па ако на сцената се пресоблекува во 17 комбинации, а „Армани“ го облекувал за последните три турнеи што вклучуваат најмалку 10 концерти, задоволството од соработката е и повеќе од очигледно и јасно.

А кога е најновата колекција на брендот во прашање, Џорџо и неговиот тим понудија 60-тина комбинации. Сината и тегет, како и секогаш доминираат, овој пат следени и од светлите нијанси – бела и крем. Дел од парчињата беа и во бордо-тегет комбинација, а можеше да се забележи и зголеменото присуство на принт. Армани за следната пролет предлага широки панталони, плетени парчиња, спортско-елегантни јакни и секако неизбежните одела.

Објавено:
23 јуни 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
225 пати