„Лице в лице": Не заборавајте да играте!

21 јули 2016

Со игри како пикадо, школка и правење меурчиња со хулахоп од сапуница, вчеравечер во Струга, во „Паркот на поезијата" беше промовиран 21-от број на уличното списание „Лице в лице", чие најново издание е посветено на темата: игра и придобивките кои таа ги носи.

Целта на тематската промоција беше укажување на фактот дека играта носи бројни бенефити во сите фази од нашето живеење, и за сите возрасти, но, и во исто време посочување на идеи за игри на отворено, поразлични од традиционалните, кои повикуваат на дружба, мотивација, учење и забава.

На промоцијата на „Лице в лице" во Струга најбројни беа младите, кои уживаа во игрите, а присутни беа и тројцата продавачи на списанието ангажирани преку Дневниот центар за деца на улица кои како награда за нивниот работен ангажман во изминатите месеци, но и поради постигнатите лични резултати, минуваат петдневен одмор во хотелот „Солферино", подарок од Црвениот крст на Град Скопје. Одморот во Струга тие го комбинираат и со продажба на списанието, чиј најнов број од денес, освен во Струга, достапен е и за публиката во Скопје, Охрид, Битола, Неготино и Куманово.

- Лидери во светот на играта се младите. Честo пати тие нè потсетуваат дека денот може да има и поинаква боја и димензија. Низ играта учат и растат, а за тоа не им треба некоја ексклузивна играчка. Доволно е да ги пуштите во градина, или на плажа. И „Лице в лице", како и најмладите, има мисија да потсетува на важни теми од нашето живеење, на кои често забораваме. Овојпат тоа е играта - рече Жармена Божиновска, координаторка на продавачите на „Лице в лице".

Реквизитите од промоцијата им се најдоа и на случајните минувачи, кои инспирирани и потсетени на детството, се разиграа школка и пикадо и по официјалниот крај на настанот.

Читателите на „Лице в лице" во новиот број ќе се сретнат и со портрет приказна на продавачка на Лице в лице од Куманово од „Порака Наша", со содржини за важноста на социјалниот бизнис, на социјалните претпријатија, за независноста на медиумите, за (не)објективното оценување во училиштето, за мигрантите како бездомници, за згрижувачките капацитети за старите лица, за талентите на лицата со попреченост, за жените во полилтиката, за бездомништвото, за сигурноста на личните податоци на интернет, и уште многу други теми...

Објавено:
21 јули 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
71 пати