Се одржа „Играме заедно“ - настан за зголемување на свесноста за лицата со атипичен развој

26 септември 2022

Школка е љубов, Школка е радост, Школка е инклузија.

Под мотото „ Сите сме заедно, сите сме исти на различен начин", по 2.5 години пауза, вчера на Школка во Гратскиот парк во Скопје, повторно се одржа „Играме заедно" - настан за зголемување на свесноста за лицата со атипичен развој како и за нивно прифаќање, почитување и инклузија во општеството, во организација на „Играме заедно" – Аутизам ААМК и Колектив Ветерница.

Овој настан, трет по ред, претставува голема игротека со бројни разновидни активности. Вчерашниот настан беше посетен од голем број на семејства со деца со атипичен развој кои уживаа во достапните игри како „Не лути се човече", „Домино", „Плочка", „Рубикова коцка", „Мал фудбал", кошарка, кросфит, Х/О, вклучително и активности како „трагање по скриено богатство", цртање, пишување пораки за видливост, пеење и танцување.

Покрај игрите, присутните можеа да се вклучат и во музичка работилница, ликовно катче, како и забно катче каде децата учеа за оралната хигиена и правилното миење на забите.

На настанот беа вклучени голем број волонтери од СУГС Орце Николов и Училиштето НОВА, како и бројни асистенти, стручни лица кои со своите знаења и будните внимателни очи беа од голема помош, како за организаторите, така и за децата и сите родители/стараттели кои присуствуваа.

Овој настан има за цел да покаже дека иако децата со атипичен развој се различни, тие се и слични, и да потенцира дека различностите не ги спречуваат да се дружат, туку напротив, тие ги зближуваат уште повеќе правејќи ја играта разновидна и интересна.

Објавено:
26 септември 2022
Категорија: 
Здравје
Прочитано:
615 пати