Приказни од градот

На 9-ти април сите на Школка! Децата сакаат да растат заедно...

5 април 2023

За неколку дена во Градкиот парк, на Школка, ќе биде навистина интересно. Родители и дечиња куп, насмевки на лицата, топлина во срцата и сè со една цел - искрена дружба и прифаќање на различностите.

Да се сака, да се помогне, е тоа што го прави човекот човек, а токму такви луѓе ни се потребни за среќно општество и подобро утре. На наше задоволство имавме чест да поразговараме со еден таков човек, Денис Јанкуловски, на јавноста познат како Космонаутко, за тоа што ќе се случува во недела на 9-ти април. 

На 9-ти април во градскиот парк кај Школка се случува Играме заедно пак. За каков настан станува збор?

„Играме заедно пак" е еден вид продолжение на ланскиот „Играме заедно", бидејќи претходниве месеци голем број деца, некои биле некои не стигнале, ни се обраќаа и не' прашуваа, бараа да играме повторно. А нам децата ни се главни и токму затоа решивме да играме пак. Како и секој претходен, така и овој настан е инклузивен, впрочем тоа е и нашата цел, нашата заложба, на едно место да играат деца. Да, различни заради многу причини, но за нас сите се деца. Сакаме да покажеме, а мислам и докажуваме дека децата не само што можат, туку и сакаат да бидат заедно, да се дружат, да шутираат топка и да движат фигури заедно. Да пеат, да танцуваат, да играат. Едноставно да растат заедно.

Какви активности се предвидени за тој ден?

Настанот е замислен како една огромна игротека на отворено. Иако најмногу од активностите ќе бидат игри, сепак ќе има и други работи. На пример, ќе играме домино, фудбал, шах, ќе пееме песни, ќе рецитираме, ќе гледаме магија, ќе научиме како правилно се мијат забите, од што се составени компјутерите. Ќе дознаеме како и каде можат да се вработат лицата со атипичен развој или нивните родители, ќе уживаме во пантомима и во уште навистина мноу разновидни активности.


Кој може да присуствува на настанот?

Сите деца се поканети, добредојдени и ние со радост ќе ги пречекаме. Игрите се прилагодени за буквално секое дете да се пронајде, да може да учествува. Ќе им дадеме флаери, ќе одат од една точка до друга, ќе собираат печатчиња и кога ќе се изнаиграат ќе одат на Финишот и ќе си добијат подароче. Секое дете, но и секој кој се чувствува дете, кој сака да игра.

Колку имате поддршка од институциите во организацијата?

Поддршката што ја имаме е од многу волонтери кои се вклучени во настанот, индивидуални лица и компании, голем број на стручни лица кои со својата стручност дефинитивно ни помагаат во правилното поставување и изведување на игрите. Но, би сакал да го истакнам навистина огромниот интерес на младинците, средношколци, студенти како и од Црвен крст, нивното присуство, нивното волонтирање ми претставува особено задоволство. Ентузијазмот, кој сите овие го покажаа лани, ми дава гаранција и сигурност дека и оваа година ќе има многу насмеани и весели деца.


За оние кои се неинформирани, на кој начин може да им се помогне на дечињата со атипичен развој?

Често го кажувам ова, еден од стравовите кои постои кај многу луѓе во однос на лицата со аутизам е всушност стравот од непознатото. Но, исто така никој и не се родил учен и тоа воопшто не е проблем. Работата е да прашуваме, дознаваме, да се информираме, да се интересираме. За почеток да се запознаеме со лице со аутизам, со семејството кое живее со аутистичниот спектар, преку разговор да дознаеме за таа состојба, за тоа со што се соочуваат семејствата и верувам дека на овој начин секој ќе може да се пронајде како и каде би можел да помогне.

На пример, некој вака ќе дознае дека тоа лице со аутизам убаво пее или црта, па преку свој другар, пријател или токму тој/таа ќе може да му помогне во часови по пеење или насоки во надградување на цртањето. Помошта на тоа лице е да се препознае можноста, талентот, способноста и желбата да го прави она што сака, може и најубаво го прави. Оваа помош секако многу ќе му значи и на семејството затоа што така ќе знаат дека има луѓе кои ги прифаќаат, почитуваат, сакаат нивните деца со аутизам и кои сакаат да ги вклучат во секојдневието. Но најбитното, за ова да биде успешно е сè што правите да правите искрено, чесно, со срце и со љубов.

Што ќе им порачате на оние кои се мислат дали да дојдат на настанот во недела?

Ги повикувам родителите на типичните деца да дојдат, да се запознаат со атипичностите, да им покажат на своите деца дека има различни од нив, има деца кои потешко одат, зборуваат, кои имаат проблем со видот, дека сето тоа е реалност, но не проблем. Нека ги научат дека секое дете треба да биде дел од секојдневието.

Ги повикувам родителите на атипичните слободно да дојдат, да ги донесат своите деца да играат и тие со нас, да бидат сигурни дека на нашите настани нема покажување со прст, нема одбегнувања, сите кои доаѓаат на Школка ги почитуваат другите и сакаат да се запознаат со нив, да играат, да се гушнат и смеат.
Ги повикувам сите да дојдат, да понесат со себе многу насмевки и прегратки и да шират, множат и делат љубов.


Како секој од нас поединечно, но и како заедница може да придонесме за инклузија на децата со атипичен развој во нашето секојдневие?

Поединечиот придонес започнува со промената во себе. Прво тука треба да ги надминеме и отфрлиме сите оние стигми, сите стеги кои ни пречат во инклузијата. Кога тоа ќе го средиме верувам дека следните чекори ќе бидат многу полесни. Претходно кажаното, запознавањето, дознавањето ќе водат кон подобрување на животот и на тие лица, но и на нашиот бидејќи едни без други не можеме.

Заедницата дефинитивно треба многу повеќе да работи на практицирање на сè она што гласно го зборува или го става на хартија. Не смее инклузијата да стане наменска, да остане само во нечии програми, слики и гласни „да, ние сме за инклузија". Дела, не зборови. Верувам дека сите родители на децата со атипичен попрво ќе се радуваат на конкретни резултати па макар никој од тие што ќе направат нешто не би кажале ниеден збор. Нив доста им се зборови и ветувања.

Секогаш напоменувам, според мене клучен момент во решавање на многу работи, а со тоа и инклузијата е заедничкото делување. Тоа значи чекорите што ги презема државата да бидат во дослух со потребите и барањата на семејствата, заеднички сите вклучително и сите здруженија, организации, па и индивидуалци да ја подобрат ситуацијата затоа што сите тежнееме кон заеднички работи, подобрување на животот на лицата со атипичен развој, нивната инклузија во општеството. А крајната цел е здраво општество.

 

Објавено:
5 април 2023
Категорија: 
Култура
Прочитано:
568 пати