Дестинации за меден месец за двојките кои сакаат нешто повеќе

25 јули 2016

Медениот месец е искуство какво што се случува само еднаш во животот, па обидете се да направите тоа да биде нешто неверојатно.

Ако наскоро треба да отпатувате токму на вашиот меден месец, тогаш овие поинакви предлози ќе бидат нешто во што ќе се вљубите од прв пат.

Овие дестинации се навистина уникатни, места каде ќе доживеете поинакво искуство, нешто сосема необично.

Во продолжение погледнете ги овие осум предлози за оние двојки кои сакаат нешто поинакво за медениот месец...

Udaipur, India

Udaipur го носи епитетот на најромантичен град во Индија, а според некои, најромантичен и во светот. Во срцето на градот се наоѓа прекрасното вештачко езеро Пичола со неверојатна сина боја, а околу него има две прекрасни палати. Уживајте во романтично возење со брод по езерото, а потоа вечерајте во еден од прекрасните ресторани со поглед на градот.

Barichara, Colombia

Barichara е неверојатно убаво гратче на североистокот на Колумбија со многу богата историја. Добро сочуваната шпанска колонијална архитектура и лежерната атмосфера се најдобрите карактеристики за овој град. Богат колорит каде и да погледнете во комбинација со белите згради со глинени покриви. Не пропуштајте ја прекрасната катедрала која совршено се вклопува со останатата атмосфера на градот.

Palm Cove, Australia

Прекрасната и мирна оаза Palm Cove е одлична алтернатива на познатите рајски острови кои се најчест избор за меден месец на двојките низ светот. Гледајте го зајдисонцето уживајќи на топлиот бел песок, додека ги слушате брановите од кристално сината вода. Ова место е совршено за сите оние двојки кои сакаат да бидат изолирани од светот. Задолжително посетете го Големиот корален гребен заштитен од Унеско, кој важи за најголемиот на светот.

Аkaroa, New Zealand

Ова мало скриено гратче на полуостровот Бенкс ги има најубавите пејсажи на светот кои го одземаат здивот. Спротивно на вулканите кои го окружуваат, гратчето делува неверојатно мирно. Пливајте со делфините, уживајте во прошетките низ романтичните места, или едноставно одмарајте на една од прекрасните плажи.

Collioure, France

Не постои ништо поромантично за меден месец од ова мало рибарско гратче кое им послужило како инспирација на бројни светски писатели... Огромните насади со лозје, неверојатната локална храна и жителите, ќе направат да се чувствувате подобро од кога и да е. Ова место е совршено за лежерни прошетки по плажите или утринско уживање со кафе во некое од локалните места.

Delft, Netherlands

Овој шармантен град со неверојатна историја е познат како роден град на еден од најдобрите холандски сликари Јоханес Вермер. Во овој град ќе го пронајдете најубавиот порцелан со сини и бели детали. Прошетката по интимните и неизмерно привлечни улици, тесните канали и прекрасните стари камени мостови ќе ве остават без здив и ќе го направат вашиот меден месец уште поромантичен.

Monsaraz, Portugal

Ова мало место нуди спектакуларни погледи на регионот Алентехо. Одличните гурмански порции ќе ги пронајдете на секој чекор, а можете да уживате и во бројните ресторани во рустичен стил со чаша од прекрасното локално вино. Уживајте во прошетките по насадите со лозје, маслинки и прекрасните зелени предели.

Trebon, Czech Republic

Овој град е преполн со неверојатни градби од периодот на ренесансата и барокот кои одушевуваат години наназад. Прекрасната природа и пејсажи се нешто во што ќе уживате за време на романтичните прошетки, а малите дворци кои мора да ги посетите го прават овој град вистинска бајка и дестинација за романтичен одмор. 

Извор: Journal.hr

Објавено:
25 јули 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
2.047 пати