Том Форд направи големи отстапки од стандардите на NYFW

9 септември 2016

Дизајнерот Том Форд со новиот концепт на прикажување на неговата последна колекција, направи големи отстапки од стандардите на Њујоршката модна недела.

Имено како што беше најавено уште минатата сезона, на актуелната Модна недела во Њујорк за сезоната пролет-лето 2017, дизајнерот завчера ја промовираше својата колекција за претстојната есен-зима 2016 сезона со што оваа негова колекција е веднаш достапна за продажба.

Како што коментираат инсајдерите во модните кругови, ова е прагматичен потег на Форд од комерцијален аспект, по примерот на пионерскиот чекор што го направија Барбери минатата сезона, што радикално го смени лицето на модната недела.

Терминот „see now-buy now" што најдобро го опишува новиот концепт на прикажување на дизајнерски колекции, очекуваме да го слушаме многу почесто идните сезони со оглед на фактот дека уште добар дел од звучните дизајнерски имиња размислуваат во истата насока како и самиот Форд и Барбери.

На овој принцип, сè што сега гледаме на писта, инстантно станува достапно во продажба, за разлика од досегашната пракса кога колекциите се пуштаа во продажба идната сезона.

Уште еден клучен момент е тоа што Форд прикажа доминантно женски, но истовремено и машки парчиња во колекцијата есен-зима 2016, што е уште еден чекор поблиску до т.н мешани модни ревии каде во еден пакет би се прикажувале колекциите за двата пола. Тоа е посебна тема за обработка, која под прашалник ја става машката модна сцена и модните недели наменети за мажи ги фрла во сенка на оние за жени.

А она што го видовме на писта е моќна и авторитетна колекција, влијателна и стилска – комбинација врз основа на која Том Форд ја гради целата своја кариера.

Форд се врати на формите силуети кои толку многу ги обожува, па со тоа женственоста во оваа колекција е донесена до перфекција.

Женската половина е нагласена со кожени корсети-ремени во омбре ефект, а војничката строгост на линиите е во совршен спој со елегантната дамска естетика.

На моменти колекцијата добива фанки призвук со комбинацијата на обоеното крзно и животинските принтови на сакота и фустаните.

Не можеме а да не го споменеме и масивниот накит кој одлично си ја заврши својата функција на впечатлив финиш на секоја комбинација.

Инаку, со оглед на тоа дека Том Форд важи за еден од омилените дизајнери на славните, листата на гости кои седнаа во првите редови на неговата ревија беше елитна. Меѓу нив беа и: Ума Турман, Наоми Кембел, Синди Крафорд, Џулијан Мур, Ана Винтур, Алиша Кис, Рита Ора и уште многу други обожаватели на неговата естетика.

Објавено:
9 септември 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
757 пати