Една од најочекуваните ревии на лондонската модна недела, која е на изминување, несомненено е онаа на брендот „Барбери“.

Тие уште во 2010 година, први го започнаа трендот на „see now-buy now“, кој продолжи и сега, па сите парчиња од писта уште вчера вечер по завршувањето на шоуто, беа веќе во бутиците на „Барбери“.

Кон овој тренд се приклучи и Том Форд, а веројатно во иднина сѐ поголем дел од дизајнерите ќе се приклонат кон ваквиот начин на презентација, сѐ со цел да се задоволат купувачите.

Но, да се вратиме на колекцијата. Кристофер Бејли и тимот се инспирираа од врвната Вирџинија Вулф, односно нејзиното дело „Орландо“. Тоа всушност прави оваа последна ревија да не можете сезонски да ја одредите, туку едноставно ви доаѓа да кажете, тоа е колекцијата посветена на Вулф.

Во тоа помогна и амбиентот. Бејли се одлучи за поинтимен простор, куќа во Лондон, која ја нарече – Makers House. Со специфичните тапети и килими, каде преовладува зелената боја, амбиентот одлично се вклопи во замислата на дизајнерот. Иако препознатливи по големите ревии и простори, „Барбери“ покажаа дека големото не секогаш е и најдобро. Истата куќа, од 27-ми месецов ќе биде достапна за посета. Сите што ќе се упатат ќе можат да видат разни креативци таму, како и што е тоа што го инспирирало Критофер за оваа последна колекција.

 

А ако го познавате нејзиното творештво, или пак конкретното дело, тогаш ќе ви биде јасно зошто моделите се со андроген изглед.

Имено, дејството на книгата се одвива во 1928 година, а Вирџинија ова свое дело го нарекувала „роман на фантазијата“. Всушност, се работи за историска фантазија, за случките на лик кој е надвор од времето, кој мистериозно се претвора од маж во жена.

Кога се креациите во прашање, она што уште на прво видување се забележува е дека доминира пижама стилот.

Свилените пижами, или пижама-одела се со принт, во комбинација со флорални бомбер јакни, долги волнени капути... Слоевитоста е исто така доминантна. Креативниот директор на брендот си игра помеѓу темата на ревијата и војничкиот стил, создавајќи и поддржувајќи ги најголемите актуелни трендови. И покрај андрогеноста, машките и женските форми се сепак видливо разграничени, во смисла дека не се оди на претерано широки силуети.

Всушност, и самото шоу вклучува одделни машки и женски креации каде оваа нишка е вешто проткаена. А „мешаните“ ревии се нешто што исто така е актуелен тренд во модната индустрија, со цел да се намали пребрзото темпо  на создавање колекции и презентации.

-Не постои вистинска поделба помеѓу машкоста и женственоста овој пат, девојките можат да се „претворат“ во момчиња, а момчињата, така убави можат да бидат девојки. Покрај малку контура на очите, истата шминка се користи и за сите модели – вели консултантот за шминка на „Барбери“, Венди Роу.

Овој чекор на модната куќа го поддржува и Алекса Чанг.

-Јас носев и машки и женски парчиња уште од 1983 година. Време е сите да го фатат овој ритам – вели Чанг.

Освен неа, на ревијата беа присутни и голем број други познати личности, меѓу кои и Фелисити Џонс, Лили Џејмс, Џордан Дан, Кара Делевињ, Оливија Палермо...

Веќе од утре започнува модната недела во Милано, за сезона пролет 2017. Таму ги очекуваме шоу-ата на „Гучи“, „Фенди“, Роберто Кавали, „Прада“, „Москино“, „Долче и Габана“ и уште многу други, што се и повеќе од добар повод со нетрпение да го очекуваме најдоброто од италијанската модна сцена...

Објавено:
20 септември 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
418 пати