Најдинамичниот град во светот, Њујорк деновиве е дом на голем број џет сетери, актери, музичари, модни стилисти, дизајнери и комплетно дише во духот модниот сензибилитет. Креативните дизајнерски умови мајсторски се потрудија да создадат модни креации кои ќе бидат вистинско модно задоволство за наредната цветна пролет и жешко лето.
Пистите се разгазени, шоуто почна. Еуфорија, насмевки, луѓе, трендовски комбинации и нормално како и секогаш колку и да звучи клише повторно имаме ѕвездени први редови кои се очекува уште повеќе да блеснат во деновите што следат.
Генерално посетеноста е голема, но и агендата е мошне збиена ако се земе во предвид фактот дека дневно се одржуваат во просек по петнаесетина модни ревии, плус забави, коктели, спектакуларни дружења. Модните недели се повеќе заморни отколку уживање за сетилата. Повеќе изгледа како трчање маратон кој буквално како да нема крај. Се чини дека напорот да се издржи динамиката на денот е клучна и во изборот на стајлинзите на гостите кои доаѓаат да ги проследат перформансите.
Општо земено, впечатокот е горе-долу ист. Без разлика дали станува за славни личности или обични луѓе кои сакаат да ја вкусат магијата на модата, во однос на креирањето на аутфитите фокусот беше насочен кон едноставниот стил, удобниот чекор, минимализам во однос на модни додатоци, „гола“ шминка и нагласени усни, секојдневни фризури, без некоја голема спектакуларност. Нормално имаше и такви кои сакаа да привлечат внимание со својот изглед, но сепак претопени во доминантните лежерни и опуштени изгледи. Најмногу преовладуваа популарните „boyfriend“ фармерки, кафтаните, едноставните маички, фустаните во А-крој комбинирани со рамни чевли во стилот на актуелните оксфордки и еспадрили. Се' е во знакот на удобноста.
Погледнете кој се стигна да биде дел од армијата ѕвездени гости во првите борбени редови на модните шоу кои беа презентирани на првиот ден од модната недела во Њујорк.