За заокружување на годинашното издание, ТАКСИРАТ ја претставува главната вечер на фестивалот, како „Ол стар" вечер со дел од најголемите македонски музички имиња во живо! Во знак на одбележување на 18 години од фестивалот и во непопуларно време за македонската музика која се соочува со тешки предизвици, ТАКСИРАТ со огромно задоволство, на големата бина во Метрополис Арена ќе ги претстави легендарните македонски музички уметници кои ги поставија темелите во музичкиот развој за сите следни генерации кај нас, со остварувања кои ги надминаа границите на земјава!
Фестивалското финале кое ќе се одржи на 9-ти декември (петок), ќе се памти по специјалните настапи на македонските хедлајнери, кои публиката на ТАКСИРАТ прв пат ќе има прилика да ги види и чуе сите заедно на иста сцена, во иста вечер: Архангел, Кирил Џајковски, Санаториум, Фолтин, Чиста Околина!
АРХАНГЕЛ – легендарната рок група која со своите безвременски хитови, како никој друг, постигна култен статус не само кај нас, туку ширум цела поранешна Југославија;
КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ – најголемиот македонски електронски артист кој со своите настапи веќе со години ја воодушевува Европа, а кој на ТАКСИРАТ ќе настапи заедно и со извонредната американска артистка ТК Вондер;
САНАТОРИУМ - најзначајната македонска треш метал група која на гостински терен се запиша како домаќин на легендите на светската метал сцена Soulfly, Motorhead, Slayer и други;
ФОЛТИН - една од најуникатните групи во современата музичка историја на Македонија која годинава одбележува 20 години постоење
ЧИСТА ОКОЛИНА – рап-пионерите кои веќе 20 години уживаат култен статус кај целата андерграунд публика во Македонија, а без кои оваа вечер не би била комплетна!
На Таксират: Македонски звучи супер!