Девет години без тебе.......
„Спокоен и свој, конечно се чувствувам. Се обидуваат да го пробијат тој заштитен круг, но не им успева. Престанав да се нервирам. Не сум робот, но приказните допираат до мојот нервен систем. Но, многу кратко траат тие вознемирувања. Жал мие што после еден таков успех наместо сосема спротивно да се однесуваат медиумите во државава, дел од новинарите не си го ставаат прстот на чело, ниту да размислат - Чекај зошто го правам сега ова?
Сигурен сум дека и тие самите не знаат зошто го прават тоа. Да добијат на значение? Што ќе добијат на значение? Јас сум тој, пак сум тој. Можат да бидат покрај мене. Зошто луѓето кога пишуваат нешто лошо добиваат повеќе на значение, не ми е јасно. Се обидувам да дешифрирам. Да се направи нешто лошо е многу полесно, да се направи добро е многу потешко. Веројатно е многу тешко да се направи добро. Жал ми е што е така! Јас не велам дека сум цвеќе за мирисање и јас сум жив човек, имам и јас киксови. Правам грешки како и секој нормален човек. Не сум безгрешен, не сум ни светец, ни ангел, далеку сум од тоа, далеку сум од работите кои ми ги препишуваат во весниците...
Се плашам со оглед на работата која ја работам. Најголемата фобија ми е девојката со мене да биде поради тоа што сум Тоше, а не поради Тоше ѕвездата. Не е пријатно да биде некој со тебе затоа што си ѕвезда.
Јас сум свесен дека вистинските вредности во последно време сѐ помалку се ценат. Јас знам кои се вистинските вредности, така сум воспитан и само тие ќе ми бидат битни. Секој човек бара сродна душа. Сакам да ми се случи девојка која ќе ги почитува вистинските вредности.
Пејач сум и уметник, барем јас мислам дека сум уметник. За да се нарече човек себеси уметник мора да има покритие. Се надевам дека имам покритие .
Сакам да одам слободно, да се шетам. Пред неколку дена прошетав, гледав излози и сфатив дека последниве 6,7 години тоа не ми се случило. Мислиш дека не сакам? Сакам! Менталниот склоп ми е нормален, ама навиките ми се поинакви. Многу е тешко да се издржи. Машинеријата ме стави во *бубањ*и нема назад. Публиката ми помага да се ревитализирам“.
Така зборуваше Тоше на 15-ти октомври 2007 година во Скопје. Звучеше умно, делуваше спокојно и изморено. Но, уверен дека работите ќе се сменат и ќе биде подобро.
Годините брзо минуваат, оваа е деветта и сѐ уште ми недостасува, секој ден, секој миг. Песните што ги отпеа како да ги снимил вчера, звучат свежо, живо, исполнети со бескрајна емоција.
Тоше не можеш да го заборавиш....ако вистински си го сакал, ако вистински те сакал.
Бејби Мама