Секој октомври,16-иот ден во тој октомври ми е со години наназад ист... Сив, безличен, изморен, тажен...Прснуваат насекаде емоции... Го паметам утрото кога ми се јави една новинарка која ќе ја паметам цел живот. Станав и бев сигурна дека е грешка, сигурна бев... Еден час подоцна веќе не беше сè исто.
Најстрашна работа е дека ја имам ексклузивата за последно интервју... Ужас...
Понеделник 15.10, студио „Томато“... Имавме со Зафирчев закажано четири интервјуа, неговото беше последно. Секогаш бил привилегиран кога стануваше збор за него во „ВРТЕЛЕШКА“, нека ми простат другите ... Опасно привилегиран :)
Тоа утро ми се појавија сите слики со Тодор, како на лента.
Беше страшно колку бевме брутално искрени еден кон друг за сите нешта во животот.
Се сеќавам, едно пладне случајно налетавме еден на друг, тој во црн џип БМВ словенечка регистрација, јас пеш (ми беше колата на мајстор чинам), се качив и заедно се возевме низ Скопје... Пеевме колку што може најгласнo IL DIVO.. Јас бев пред мажачка, природно возбудена, туку одеднаш ме праша: „Ти мислиш дека оној твојон те сака?“. Веројатно од паника и одбранбен став, како од пушка му одговорив: „Па ,да,мислам!“.
Пауза. Тишина.
Знаеше дека треба да живеам на „Рузвелтова 3“ и сакаше да поминеме да го види станот... Имаше мајстори, се смееше... Влеговме во кола и пак истиот муабет: „Дали си сигурна?“.
Му велам: „Ама зошто ме прашуваш ?“.
Ми се заврте, ме бакна, ме гушна, ме тргна од себе и ми ја кажа можеби најголемата вистина:
„Знаеш како бејби, нас никогаш нема да нè сакаат такви какви што сме, нас нè гледаат како готово пакетче, орден, нешто со што сакаат да се пофалат. Никогаш нема да знаеш зошто е некој со тебе“.
„А, ти го сакаш ?“, ме праша.
Јас како секоја жена пред свадба како од пушка: „ДА!“.
Се сврте шеретски, се насмеа, го запали автомобилот и продолжи да ми зборува :
„Така е и со пријателите, не знаеш зошто се до тебе ... Кога немав за леб, никој немаше до мене освен моите, кога се враќам нов, подготвен, се околу мене... Да размислиш уште еднаш ?“, пак тој се врати со својата мака за мене.
„Ама ако размислам уште еднаш ќе треба да те чекам“, се разбира дека пукнавме од смеење... Башка му велам, трошоци, закажано... Не престанувавме со можни сценарија што би било ако откажам, како ќе изгледаат насловните...
Поминаа толку години и беше во право. Доктор Тодор! Често знам да говорам сама со себе и со него, биваше ли бејб да си во право?
Сакаше многу да му се случи љубов, но сакаше тој како замислил, не сакаше проекции на другиот.
Да ти кажам дека ми недостасуваш кога се будам, кога слушам твои песни... Мина долго време не зборуваше и сигурно една година слушавме на една бела мп 3-ка само твои песни, така научи да зборува... Ми недостасуваш да го обоиш сивилото на оваа здодевна музичка сцена, со чест на исклучоци (сами ќе се препознаат оти се мои другари), ми недостасува твојата широка насмевка со која оддалеку ме гушкаше... Ми недостасува твојот прекор, твојата радост, твоето сочно пцуење на неправдите околу тебе, ми недостасува твоето перчење пред секоја промоција на нов албум. Ми недостасува преслушувањето на песни... Се сеќавам колку ти беше важно да не ти се налутат Македонците што ќе пееш на српски и што ќе издадеш албум на друг јазик, се сеќавам колку ти беше важно да бидеш прв... И работеше многу работеше... Веројатно само кога спиеше не пееше... Ми недостасува твоето јавување на телефон во ниедно време и звукот на клавирот како ми свириш и ми пееш..
Боже Господе колку беше згоден последната вечер... Сериозен, убав, мускулест...и тивок, многу тивок... „Уморен сум“, ми кажа... „Доста ми е од сè... Сите ме изедоа“... Можев само да те гледам и да ти климнам со глава. Извини... Да можев, ќе легнев пред џипот, само да не појдеш... Ти реков, сто пати ти реков... Те прашав и кој ќе вози, ми рече да не се секирам, а те болеше ногата...
Години поминаа, ова е осма... Ми недостасуваш како првиот ден .
Одам често кај тебе горе во Крушево, што да ти кажам Тодор?
Дека спомен куќата е полна со твоја облека, индекси, меморабилии и страшно лоши восочни фигури... Но, тоа е неважно... Не знам до ден - денешен зошто ги нема билбордите во градот. Кај тебе на гроб има секогаш луѓе од секаде, луѓе кои поради тебе го научиле македонскиот и кои само поради тебе мислат дека Крушево е рај на земјата.
Има многу работи кои сакам да ти ги кажам, една од нив е дека кога ми беше најтешко и кога сакав да се простам од себеси со сериозен пристап и длабоки последици, за време на рехабилитација се крепев со тебе. Во деновите на мојата слаба здравствена состојба ти беше до мене. Времето пред Тоше и после Тоше... Така некако и мојот живот ... И да, беше во право бејб, за сè мајку му ... Ми остана аманет од тебе да не верувам на оние кои ми кажуваат дека ме сакаат, затоа што тоа не се кажува, тоа се докажува.
Одам и до манастирот, го прават бејб... Полека, но убаво... Со чичко ти ќе си направиме муабет со долги паузи. Тешко бејб, тешко...
Ја слушнав песната за рок операта на Карајлиќ, таа твоја боја, зрелост, сувост на вокалот... Таа твоја тага која стана универзална препознатливост...
Тодор те сакам... Не пишувам повеќе. И за ова ми требаа осум години... Мина и Кирил знаат зошто одиме кај тебе горе... Да го подишам малку воздухот со тебе... Како некогаш...
Со љубов,
Твоја Бејби