Весна Драгојевиќ: Најдраг мој...

7 август 2018

И после збогувањето со на многумина омилениот Оливер Драгојевиќ, емоциите не стивнуваат ниту кај публиката, пријателите, ниту пак кај семејството на пејачот...

Неговата сопруга Весна Драгојевиќ вчера на својот Фејсбук профил јавно го објави прошталното писмо за својата најголема љубов и животен сопатник, кое веднаш се прошири по медиумите во регионот.

фото извор: https://www.facebook.com/pg/OliverDragojevicOfficial/photos/

Со оглед на количеството љубов кое се содржи во него, и секако тага, веќе нема да додадеме ништо, туку ќе ве оставиме самите да го доживеете:

„Најдраг мој! Знаеш дека за збогувањата никогаш не ги пронаоѓав вистинските зборови. Кога рекоа да се збогуваме со тебе, не знаев како се прави тоа, ниту пак што да кажам. Ти спиеше со денови, можеби не нè ни слушна. Знаеш дека бевме покрај тебе и можеби тоа беше доволно. Беше недела наутро, донесете ми облека. Која? Можеби од последниот концерт во Арената, знаеш она одело кое го купивме во Австрија. Но, тоа сигурно не ти беше важно и тоа е првпат да не те прашам што ќе облечеш. После година дена соочување со стварноста - шок. Иако ја знаевме ситуацијата. 

Што сега, каде, како? Сите помогнаа. Три дена ти беше она што никогаш не сакаше да бидеш - важен, почитуван, сакан од сите знајни и незнајни луѓе. Јас знам што би ти кажала на тоа, па срам ми е да го повторам, но морам да ти кажам дека сè се случи спонтано, без притисок. Ние дома знаевме дека луѓето те сакаат, но бевме шокирани со количеството емоции што го доживеавме. Имаше Оле, три погреби во два дена. Едвај преживеавме, но бевме и горди на сите тие случувања врзани за тебе. Како што кажа Џибо (Џибони), ова море е само за тебе и беше тој ден. Ти знаеш дека сме добро. 

За некој ден ќе се роди Марко, твојот шести внук кој никогаш нема да го видиш, но знаеше дека доаѓа. Тие сите, се уште многу мали за да можат тоа да го разберат. Малиот Тони ме прашува: „Бабо, зошто има свеќи пред нашата куќа? Му реков дека луѓето ги оставаат затоа што дедо почина. Знаеш што ми кажа - зошто ги има толку многу? Гледаш, на него и на сите нас ни беше само дедо и сигурна сум дека и ти тоа би му го кажал, а и така те доживувавме. Добивме стотици, можеби и илјадници пораки на сочуство од твоите пријатели и колеги и непознати луѓе. Стотици бродови те испратија и сигурна сум дека би рекол: Ви сте полуделе, како јас да сум некоја „фаца“, јас само го работев она што го сакам“. Можеби и токму затоа ти беше такво испраќањето, затоа што никогаш не се буткаше во прв ред. 

Знаеш дека живеевме како сиот нормален свет, се дружевме со луѓето, не со титулите. Луѓето го препознаваат тоа и затоа те сакаат. За песните нема ни да зборувам, затоа што никогаш и не зборувавме. Ти беше нашиот маж, татко и дедо. Немој да се лутиш што толку луѓе те сакаа, а можеби не си ни знаел. Морав да ти го напишам ова поради сите оние што те испратија, затоа што не можам на сите поединечно да им се заблагодарам за ова што ти го приредија. 

Би сакала да знаеш колку љубов имаше за тебе тука, која со ништо не може да се измери. Затоа, уште еднаш, благодарам на сите, тоа е сè што можам да кажам, бидејќи вистински зборови нема. Ти знаеш колку те сакаме. Не ги слушавме баш многу твоите песни, но можеби сега ќе го правиме тоа, бидејќи што и да отвориме, само ни се наметнува. За нас немој да се грижиш, знаеш колку се сакаме и дека тоа ти беше најголемата среќа во животот.

Ти секогаш ќе бидеш капетанот на нашиот брод и ќе нè возиш каде што треба и каде што ќе ни биде добро. Ќе нè чуваш, како и до сега, а ние ќе го следиме твојот траг во бескрајот! Твоја, Весна“.

 

Објавено:
7 август 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.303 пати