Новата колекција на Елена Лука достапна и во ателјето во Струмица

1 ноември 2016

Колекцијата за актуелната сезона есен-зима 2016/17 на модниот бренд Елена Лука е веќе достапна во продажба и во ателјето во Струмица.

Се работи за ексклузивна дизајнерска линија која е поделена во три сегменти: спортска елеганција, коктел комбинации и свечени тоалети низ кои се проткаени женствениот шарм, индивидуалност и став. Токму тоа ја прави колекцијата моќна и впечатлива, а секое парче доловува посебна приказна преку која ќе внесете автентична дизајнерска нота во вашиот стил.

Колорната карта е базирана на неколку основни тонови: црвена, беж, црна, бела и тегет со комбинации на различни нијанси и текстури, а акцентот е ставен токму на деталите меѓу кои како носечки се издвојуваат композициите од украсни камења и паспулите, кои ѝ даваат целина на линијата.

„Имплементиравме неколку базични парчиња облека што ќе му дадат печат на стилот на секоја жена: коктел фустани што ја следат линијата на телото со голи рамена, кратки палтa со совршено дефинирани линии, тренди бомбер јакни, панталони со широк крој, сакоа со струкирана линија, здолништа во А крој, наметки, плетенини, како и макси, раскошни тоалети. Сигурна сум дека ова е колекција која ќе и даде печат на стилот на секоја дама, а за фотосесијата со која ја промовираме колекцијата соработувавме токму со дами кои имаат изграден стил и моќен став и јавноста ги препознава како такви: Снежана Богдановска-Сани, Емилија Розман и Мартина Михајловска. Беше задоволство да се соработува со нив и сигурна сум дека заокруживме еден одличен проект", вели генералниот менаџер и сопственичка на брендот, Елена Пандева.

Фотосесијата е направена во Комплексот „Парк Резиденс"
Шминка: Елена Андовска
Фризура: Ивајло Стојанов

 

Објавено:
1 ноември 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
501 пати