Џорџ Мајкл замина во вечноста!

26 декември 2016

Супер поп звездата Џорџ Мајкл почина мирно во неговиот дом на 53 годишна возраст. Прв кој ја објави веста беше неговиот публицист. Во 2017 година планирал документарец почнувајќи од самите почетоци со групата Wham, па сè до последните негови достигнувања.

Умре токму на Божиќ, кога неговиот хит „Last Christmas" постојано се врти на радио станиците. Во својата кариера продаде 100 милиони плочи, а последниот албум „Symphonica“ беше издаден 2014 година. Според „Би Би Си“, во неговиот дом пристигнало амбулантно возило после полноќ и немало сомнителни околности како причина за неговата смрт.

Во 2011-та година Мајкл безмалку го загуби својот живот како последица од пневмонија. Беше лекуван во Виена и велат едвај го спасиле. Последниве десет години беше постојано вплеткан во секс скандали и лекување од зависности по најскапите клиники. Само во Швајцарија месечно плаќа по 190.000 евра за третмани. Во меѓувреме, неговиот албум од 1990-та година „Listen Without Prejudice Vol. 1“ беше реиздаден и пропратен со филм во кој учествуваа Стиви Вондер, Елтон Џон како и супермоделите од неговиот видео спот за синглот „Freedom“.


Во филмот со работен наслов токму „Freedom“, Мајкл се јавува во улога на наратор, а во него земаат  учество и Марк Ронсон, Мери Џеј Блајџ, Тони Бенет, Џејмс Корден и Рики Џервеис. Беше исклучителен музичар и доследен борец за авторски права .

Велат дека последнава година никој не примал дома, освен најблиските и не излегувал од дома со месеци.


Џорџ Мајкл беше по многу нешта посебен. Спомнете си ги 1980-тите години... Се сеќавате на неговото шаренило, прв ангажираше супер модели за потребите на неговите видео записи, прв јавно обзнани за неговата сексуална определба велејќи дека лицемерието станува болест, издаде албуми снимени со филхармониски оркестар, неверојатен вокал!

Оваа 2016 на почетокот го загубивме Дејвид Боуви, денес Џорџ Мајкл... Слава им!

 

Бејбимама

Објавено:
26 декември 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
6.447 пати
Тагови: 
Џорџ Мајкл смрт
Извор: 
bbc