Долгоочекуваните „Оскари“ се одржуваат ноќеска во Холивуд. Она на што секако ќе се задржиме прво се пристигнувањата на црвениот килим.
За многумина ова е и еден од најинтересните моменти од манифестацијата. Како и речиси секоја година, меѓу првите што се појавија на црвениот килим беше модната критичарка и водителка, Џулијана Ренцик, која се појави во креација на Жорж Чакра.
Номинираната Рут Нега се појави во црвена креација на „Валентино“, но она што уште повеќе привлече внимание беше сината панделка. Имено, голем број познати одлучија таа да биде нивниот моден додаток, а е симбол на Американскиот сојуз за граѓанските права, со што уште еднаш јавно се изрази незадоволството кон претседателот Трамп, особено за одлуката за кревање на ѕидот со Мексико.
Иако знае да биде трик да се носи црвено на црвен килим, Рут сепак одлучи да му верува на тимот на модната куќа „Валентино“ и да го привлече вниманието.
За нешто слично се одлучи и Вајола Дејвис која изгледаше одлично.
Инаку, може да се забележи доминантен тренд на златните нијанси.
За таква креација се одлучија Џесика Бил, Криси Тиген, Никол Кидман, Ема Стоун, Дакота Џонсон, Шарлиз Терон...
Во бел фустан пак, ги видовме и Пријанка Чопра, Наоми Харис, Карли Клос, Фелисити Џонс...
Модната уредничка Нина Гарсија годинашниот тренд го нарече нов на Оскарите.
Ништо помалку впечатливи не беа ниту дамите што се одлучија за црната - Бри Ларсон, Кирстен Данст, Тараџи Хенсон.
Ако некој негативно нè изненади тоа е дефинитивно Скарлет Јохансон. Таа овој пат се најде на листата на најлошо облечените, а одбра широк цветен фустан на Aliaya, нешто што воопшто не ѝ прилегаше од повеќе аспекти.
Сите креации можете да ги погледнете во галеријата погоре.
Инаку, официјалниот дел, каде ги дознавме најдобрите за изминатата година, го отвори Џастин Тимберлејк со песната „Can't stop the feeling“, тема од анимираниот филм „Sing“, а домаќин е Џими Кимел.
Повеќе за наградените ќе прочитате во посебен текст што ќе следи наскоро.