„Mono Мaniac“ - нов сингл и видео на The Protagonist

The Protagonist, еден од најпрогресивните бендови, по издавање на семи-концептуалниот деби албум "No Exit Museum", продолжува понатаму со работа на нивниот нов албум наречен "Absolute Attitude".

По објавата на првиот сингл "Love Stream" од новиот албум, кој беше промовиран и на каналот на МТВ-Adria, бендот го објавува новиот втор сингл и видео запис за "Mono Maniac".

Се работи за енергична композиција со моќен гитарски риф како мотив, исполнетa со топли, но во исто време продорни вокали, како и доста енигматична и суштинска лирика.

Финалниот микс и мастеринг на песната е изработен од познатиот британски саунд инженер Simon Heyworth (Nick Cave, King Crimson, Goldfrapp, Mike Oldfield, Ennio Morricone...). Видеото е снимено во Кино Милениум-Скопје во комплетна изработка на бендот.

Сите досегашни синглови од првиот албум „No Exit Museum" влегоа во Топ 20 на MTV-Adria, а албумот имаше и повеќе рецензии меѓу кои и во списанието Rolling Stone со позитивни критики. Бендот досега има настапувано на повеќе фестивали со енергични и впечатливи изведби во живо.



"Оваа песна е будилник... она што сме е поголемо од нашите разлики, поголемо од нашите така наречени лидери од секакви бои. Лирично, песната е напишана за состојбата на човековиот дух базиран на новите технолошки дизајни, кои како последица произведуваат нов вид на социопати, психопати со коишто не можете да имате логичка или емоционална човечка конекција, комуникација ... но сепак, некако на крај тие донесуваат одлуки за локални или глобални проблеми!? Овој тип на луѓе мислат дека сите други се слаби и треба да се контролираат на овој или оној начин. Оваа песна допира длабоко, поставува прашања и го критикува менталитетот на напредокот базиран ексклузивно врз технологијата, и колку лесно луѓето се впуштаат во светот на едно-димензионални спектакли. Свет во кој образовани луѓе не можат да направат разлика помеѓу лажни и вистински вести, свет во кој имбецилите се слават и медиумските спектакли се дизајнирани на таков начин што го убиваат сето она што значи човек во нас: компромис, добрина, љубов, вредности кои се сменети со површни идеи. Оваа песна е будилник, и време е да го разбудиме човечкото во нас, пред да завршиме како нули и единици“, изјави R.S.Rush, вокал во бендот.

Објавено:
29 март 2017
Прегледно:
167 пати