Роман Полански не може да влезе во САД без да ја издржи досудената казна затвор. Судот во Лос Анџелес, односно судијата Скот Гордон, ја донесе оваа одлука. Адвокатот на Полански, Харланд Браун донел докази во судот во кои се вели дека во 1978 година тогашната судијка Лоренс Ритенбенд, прифатила спогодба Полански да оди на издржување казна од 48 дена.
Но, Полански исплашен, уште тогаш ќе замине во Франција и никогаш повеќе нема да се врати во Америка. Го прогласуваат за бегалец од правдата и тој повеќе не може да се спогоди за ниту една работа која би му помогнала во однос на неговото обвинение. Полански е добитник на два Оскари за филмска режија и тоа за „Пијанист“ и „Кинеска четврт“.
Тој има обвинение за полов напад врз девојче кое тогаш имало 13 години, кое ќе биде нападнато во домот на Џек Николсон во ЛА 1977 година. Полански ќе го признае чинот на силување и дури и во бегство во Швајцарија ќе мора да отслужи 10 месечен куќен притвор во 2009- тата година кога американскиот суд ќе бара екстрадиција, но истата ќе биде одбиена. Неговиот адвокат Браун ќе каже дека 83 годишниот Полански веќе ја отслужил својата казна и дека судот треба да ја разгледа можноста да се ослободи од кривично гонење неговиот клиент.
Но, судот вели дека ако попуштат во овој случај само затоа што е позната личност во прашање и дека поинаку се третираат славните, а законот за сите е ист, се доведува во прашање легитимноста и правичноста на судот.
Истиот момент кога одлета за Франција, Полански ги загуби сите шанси да бара било какви отстапки во понатамошниот тек на настаните. Полански одговара на прашањата на кои само тој сака да одговори.
Жртвата Саманта Гејмер која денеска има 54 години, ќе изјави дека Полански доволно страдал и треба да се врати во САД.
Таа во 2013 -тата година ќе напише книга за нејзиното искуство нарекувајќи ја „Девојчето“ каде ќе ги открие сите преписки со Полански, посакувајќи му ништо друго освен убав живот. Сите ќе се запрашаат од каде таква промена во нејзиното однесување.
Стив Кули, адвокат од ЛА ќе рече: „Само прашајте ја колку точно чини нејзината шестоцифрена спогодба со Полански, откако таа ќе му поднесе тужба“.
Полански со години ќе биде во центарот на вниманието не само поради неговиот исклучителен талент, туку и поради семејната трагедија која ќе му се случи во 1969 година кога семејството Менсон ќе ја убие неговата бремена жена Шерон Тејт во нивната куќа заедно со уште четворица пријатели кои таа вечер биле на гости.
Овие денови, режисерот снима филм со неговата сопруга Емануела Сајнер.